Fatjon Cuka
14 Мај 2023•Ажурирај: 15 Мај 2023
ТИРАНА (АА) - Во Албанија заврши гласачкиот процес за локалните избори на кои граѓаните со право на глас гласаа за нови градоначалници и членови на општинските совети низ целата земја, јавува Анадолу.
Процесот на гласање за 61 општина во Албанија официјално беше отворен во 7 часот, а граѓаните имаа можност да гласаат во вкупно 5.213 гласачки центри низ целата земја.
Во некои центри гласањето продолжи и по официјалниот термин поради присуството на граѓани во гласачките центри.
Во некои избирачки центри во различни градови во земјата гласањето започна со задоцнување поради проблеми со електронските уреди за идентификација.
Според официјалните податоци на Министерството за внатрешни работи на Албанија, право на глас имаа 3.650.550 албански државјани, а 122.545 гласачи имаа можност да гласаат првпат.
Во меѓувреме, според официјалните податоци на Централната изборна комисија на Албанија (ЦИК), 44 политички партии беа пријавени како изборни субјекти за локалните избори, од кои 38 партии надвор од коалициите, шест партии групирани во две коалиции и 12 независни кандидати.
Избори за органите на локалната власт во Албанија се одржаа за да се изберат 61 градоначалник и 1.603 членa на општинските совети низ целата земја. Градоначалниците и членовите на општинските совети се избираат непосредно за период од четири години.
Изборниот процес го набљудуваа мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, различни амбасади, како и повеќе меѓународни и национални организации.