Admir Fazlagikj
14 Мај 2023•Ажурирај: 16 Мај 2023
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Бошњачкиот демократски сојуз (БДС) во Северна Македонија, во Скопје се организира „Прва конференција на бошњачките политички претставници на Балканот“, на тема „Бошњаците како фактор на стабилноста и помирувањето меѓу балканските народи“, јавува Анадолу.
Во својство на домаќин, на прес-конференцијата по тој повод се обрати претседателот на БДС, Мунир Колашинац. Тој изјави дека тие, како организатори на овој настан и како бошњачка политичка партија, сметаат дека е исклучително важно да се работи на обединувањето и создавањето партнерски односи со другите бошњачки политички субјекти во земјите од регионот.
„Затоа денес сме овде, во Скопје, како Бошњачки демократски сојуз, но и голем број претставници на политичките партии од земјите од регионот: Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово, преку оваа конференција да се запознаеме со нашата работа, активностите, идеите, проблемите, но и предизвиците за да се воспостави заедничка соработка на регионално ниво што би била од корист за сите Бошњаци, но и за сите други народи во регионот на Балканот“, изјави Колашинац.
На конференцијата учествува и претседателката на Нова демократска партија на Косово и косовска вицепремиерка Емилија Реџепи. Таа оцени дека одржувањето на оваа конференција е важно во контекст на поврзувањето на сите народи во регионот.
„Ние сме народ на мирот, народ на достоинството, народ на толеранцијата, народ што може да биде мост на поврзување на сите народи на Балканот“, истакна Реџепи и додаде дека постулатите што денес ќе се постават на конференцијата се дека Бошњаците се народ што е подготвен да гради добрососедски односи и заедничка соработка во регионот.
Шемсудин Мехмедовиќ, пратеник во Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина од редовите на Странка на демократска акција (СДА БиХ), рече дека е важно Бошњаците да имаат единствен пристап за одредени политички прашања, но и да се поврзуваат меѓусебно.
„Многу е важно да постојат политички претставници чиј глас ќе се слушне, па и во [Северна] Македонија. Оценуваме дека моментно најзагрозен народ во Европа се Бошњаците. Без оглед на сето тоа нема да се предадеме, туку многу јасно и гласно ќе им порачаме на сите оние што имаат великодржавни хегемонистички проекти на Балканот дека остро ќе се спротивставиме на тоа и дека и Бошњаците ќе имаат одговор на сите предизвици што ќе бидат пред нас“, истакна Мехмедовиќ.
На медиумите им се обратија и Ервин Ибрахимовиќ, потпретседател на Владата на Црна Гора и министер за капитални инвестиции, кој говореше како претставник на Бошњачка странка (БС) од Црна Гора, Усаме Зукорлиќ, потпретседател на Собранието на Србија и пратеник од редовите на Партијата на правдата и помирувањето (СПП) од Србија, како и Енис Имамовиќ, пратеник во Парламентот на Србија од редовите на СДА Санџак.
Тие истакнаа дека првпат во поновата историја на бошњачкиот народ на едно место се собрани претставници на бошњачките политички партии, со цел консолидација на бошњачките политички сили на Балканот и обединување во интерес на заедничките витални интереси и придонес кон стабилноста на Балканот.
Најавено е усвојување и потпишување заедничка декларација на учесниците на конференцијата.