БАЊА ЛУКА (АА) - Полициските службеници од полициската станица во Вишеград ги преземаат сите потребни мерки и активности за собирање податоци со цел идентификација на извршителите на кривичното дело „разбојништво“, што се случи во селото Омерагиќи во подрачјето на Вишеград, спроведено врз брачниот пар М.А. и М.Ф., објави на својот сајт МВР на Република Српска, известува Анадолу.
Во соопштението се наведува дека во Полициската станица Вишеград на ден 24 март, во 19:30 часот роднини на оштетените пријавиле дека непознато лице во текот на ноќта меѓу 23 и 24 март во селото Омерагиќи во Вишеград во семејната куќа ги нападнало М.А. и М.Ф. Напаѓачот бил маскиран и под закана со огнено оружје од брачниот пар одзел 7.000 конвертабилни марки (околу 3.560 евра).
За случајот е известен и обвинител од Окружното јавно обвинителство на источно Сараево.
За нападот врз повратниците во Вишеград се огласи и потпретседателот на ентитетот РС, Ќамил Дураковиќ, кој го осуди нападот, повикувајќи ја ентитетската полиција што поскоро да ги најде извршителите.
„Најостро го осудувам нападот врз двајцата повратници, постари луѓе од Вишеград, Фадил и Ајша Мемишевиќ, кои синоќа во селото Омерагиќи кај Вишеград во кое се вратиле, биле нападнати и брутално претепани од страна на засега непознати маскирани лица. Целата куќа е испретурана, а тие со видни повреди се префрлени во Домот на здравјето во Вишеград“, рече Дураковиќ.
Пратеникот во Народното собрание на ентитетот РС, Рамиз Салкиќ, истакна: „Опкружувањето и амбиентот во кој живееме, за жал им одговараат на оние кои на различни начини сакаат да ги искажат своите болни намери, па и со напади врз беспомошни старци.“
„Нападот на Ајша и Фадил Мемишевиќ на првиот ден од Рамазан нè згрози сите и е за секоја осуда со надеж дека нападнатиот брачен пар бргу ќе закрепнат од повредите. Некои претходни постапки на ентитетската полиција не се охрабрувачки, но ние живееме тука и од нив мораме да бараме брза и ефикасна истрага и пронаоѓање на извршителите, како и откривање на мотивот за нападот“, порача Салкиќ.
Тој потсети дека Вишеград е место кое сведочи за тешките злосторства над муслиманите Бошњаци низ историјата, за „собирање на екстремно радикални групи кои секоја година сите нè враќаат во време на извршувањето на тие злосторства“.
„За жал“, смета Салкиќ, „може да се сфати дека ентитетската власт со своите настапи и многу честите радикални пораки на поединци, ги поттикнува ваквите активности.“
„Овие пораки, како и самиот овој напад, заслужуваат најостра осуда и претставуваат јасна закана за мирот и стабилноста, и како такви треба да се разберат. Поради сето ова, голема е одговорноста на полицијата многу бргу и ефикасно да го истражи овој напад и отстранувајќи ги сите сомнежи, а за резултатите да ја извести јавноста информирајќи за мотивот, целта и имињата на извршителите на овој гнасен напад врз животите и имотот на Ајша и Фадил Мемишевиќ, повратници во Вишеград“, заклучи Салкиќ.
Здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“ денес реагираше по физичкиот напад на повратниците Бошњаци во Вишеград, на подрачјето на Република Српска (РС), наведувајќи дека брачниот пар Мемишевиќ брутално е претепан.
„Одговорни за овој, но и за сите наредни напади врз повратниците Бошњаци го сметаме Обвинителството на Босна и Херцеговина (БиХ), кое не сака да ги процесуира досегашните убиства и физички напади врз повратниците. Обвинителството не знае или не сака да ги процесуира оние кои го негираат геноцидот и другите воени злосторства во БиХ, што, со сесрдна поддршка на Милорад Додик (претседателот на РС), им даде дополнителна слобода на извршителите да продолжат со нападите врз повратниците во ентитетот РС, без страв дека ќе сносат каква било одговорност за тоа“, се вели во соопштението.
Од Здружението ги повикуваат меѓународните официјални лица во БиХ, Обединетите нации, Европската Унија, Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), наместо вербални осуди на нападите да ги посетат повратниците и да постапат во согласност со Акциониот план на ОН за превенција на геноцидот од 2007 година.
„Нападот врз повратниците е дел од режимската политика на РС, бидејќи како поинаку да се протолкува фактот дека ниту едно убиство, стотици физички напади, илјадници вербални напади врз повратниците, ниту еден од нив не доби судски епилог, ниту оштетените добија каков било надомест за претрпената штета“, се наведува во соопштението на Здружението „Движење на мајките од енклавите Сребреница и Жепа“.
news_share_descriptionsubscription_contact
