Zylfije Adem Jakupi
04 Јануари 2022•Ажурирај: 05 Јануари 2022
ПРИШТИНА
Владата на Косово донесе одлука за забрана на производство на криптовалути на целата територија на Република Косово, објави министерката за економија на Косово, Артане Ризваноли, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Ризваноли соопшти дека кон крајот на минатата година Владата основала техничка комисија за „вонредни мерки во снабдување со енергија“, по чија препорака минатата недела донесена е одлука за итни мерки со кои е забрането производството на криптовалути на територијата на Република Косово.
Ризваноли на својот фејсбук-профил напиша дека органите за спроведување на законот ќе го забранат производството на криптовалути со поддршка на сите релевантни институции кои ќе ги идентификуваат локациите на нивното производство.
„Овие обврски имаат за цел да го адресираат секој изненаден или долгорочен недостиг на капацитетот за производство, пренос или дистрибуција на енергијата со цел надминување на енергетската криза без дополнително оптоварување на граѓаните на Република Косово“, наведе министерката.
Техничката комисија за „вонредни мерки во снабдување со енергија“, според нејзините наводи, одржала два состанока за да ги идентификува и да го препорача спроведувањето на мерките за решавање на негативните ефекти од околностите создадени со енергетската криза.
Криптовалутата е дигитална или виртуелна валута дизајнирана да функционира како средство за размена. Користи криптографија за да обезбеди и верификува трансакции, како и да контролира создавање нови единици на одредена криптовалута.