Agim Sulaj
31 Август 2021•Ажурирај: 01 Септември 2021
ПРИШТИНА (АА) - Во Косово по полноќ пристигна и втората група авганистански државјани составена од 113 лица, меѓу кои мажи, жени, деца и постари лица, со што вкупниот број на авганистански државјани што дојдоа во земјата се искачи на 224, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, соопшти дека втората група авганистански државјани се поранешни соработници на НАТО заедно со нивните семејства.
Авганистанските државјани се сместени во поранешниот работнички камп на компанијата „Бехтел-Енка“, што се наоѓа во близина на Урошевац.
Исто така, тој рече дека денес со нов лет ќе пристигнат уште 131 авганистански државјанин, што исто така се соработници на НАТО, а според него ќе бидат сместени на истото место.
Свечла нагласи дека се работи за привремено засолнување, а, како што рече тој, нивното постојано засолнување според договорот им припаѓа на САД.
Тој информира дека авганистанските државјани, покрај другите процедури, се тестираат и на Ковид-19, а како што истакна, ниту еден од нив не бил позитивен на овој вирус.
Во Косово би требало да пристигнат околу 2.000 Авганистанци. Косовските власти ги прифатија авганистанските бегалци на барање на САД.