Shpetim Hiseni
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Проширувањето на Европската Унија (ЕУ) останува стратегиски приоритет за Европа, а земјите од Западен Балкан имаат реална можност да напредуваат кон членството преку спроведување на реформите, порачаа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, по Самитот ЕУ – Западен Балкан, јавува Анадолу.
На прес-конференцијата по самитот, Кошта истакна дека актуелната геополитичка состојба дополнително ја нагласува потребата од поблиски односи меѓу ЕУ и земјите од регионот.
„Мојата порака до сите партнери беше јасна: задржете го темпото и спроведете ги реформите што ќе ве доведат до Европската Унија. Проширувањето е реална можност и треба да се искористи“, изјави Кошта.
Кошта нагласи дека земјите од Западен Балкан треба да ги надминат споровите и предизвиците што потекнуваат од минатото и да се фокусираат на иднината, истакнувајќи дека решавањето на билатералните прашања и градењето добрососедски односи се клучни за напредокот кон членство во ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, оцени дека проширувањето претставува стратешки императив за Европа, додавајќи дека процесот добива сè поголем замав. Според неа, оваа година се очекува отворање и затворање на повеќе од 100 преговарачки поглавја.
Фон дер Лајен истакна дека ЕУ не треба да чека до полноправното членство за да ги приближи граѓаните и економиите од регионот до Унијата, посочувајќи дека постепената интеграција овозможува пристап до поголем број придобивки од единствениот пазар и пред членството.
Како конкретни резултати таа ги посочи вклучувањето на четири партнери од Западен Балкан во Единствената област за плаќања во евра (SEPA), како и почетокот на преговорите за намалување на трошоците за роаминг со Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.
Осврнувајќи се на Планот за раст за Западен Балкан, фон дер Лајен истакна дека спроведувањето на реформите бележи значителен напредок. Процентот на исполнети реформски чекори се зголемил од 38 отсто пред една година на 63 отсто во моментов.
Таа додаде дека спроведувањето на реформите во наредните недели би можело да овозможи ослободување на дополнителни 338 милиони евра за Албанија, Црна Гора и Северна Македонија, нагласувајќи дека продлабочувањето на интеграцијата оди рака под рака со реформскиот процес.
На крајот, фон дер Лајен порача дека успехот на проширувањето ќе се оценува според конкретните промени во животот на граѓаните, преку повеќе можности за младите, подобри услови за развој на бизнисите и поголема доверба во иднината.