Zylfije Adem Jakupi
14 Февруари 2021•Ажурирај: 14 Февруари 2021
ПРИШТИНА
Во Косово утрово во 07 часот се отворени гласачките места на предвремените парламентарни избори, а граѓаните со право на глас го бираат осмиот состав на Собранието на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласачките места ќе бидат отворени до 19 часот. Се гласа според мерки пропишани за спречување на ширењето на коронавирусот (Ковид-19), задолжително е носење маски и употреба на средствата за дезинфекција на рацете. Ангажирани се и преку 1.000 мобилни тимови за гласачите кои се во самоизолација поради Ковид-19.
Сите надлежни косовски институции за организација и набљудување на изборниот процес соопштија дека се спремни за денешниот изборен ден. Полицијата на Косово подготви оперативен план кој ги предвидува сите превентивни мерки за секоја фаза од изборниот процес.
Државното обвинителство на Косово именуваше 88 обвинители и 40 службеници од обвинителскиот систем кој во текот на целиот ден ќе соработува со Полицијата на Косово, додека Судскот совет на Косово именуваше 30 судии кои денес ќе дежураат.
Се гласа во 888 гласачки центри, во кои има 2.392 гласачки места. Право на глас во рамките на Косово има 1.794.862 гласачи, како и околу 100.000 гласачи пријавени од странство.
На предвремените парламентарни избори за Собранието на Косово, се натпреваруваат 28 политички субјекти од кои 21 политичка партија, две коалиции и 5 граѓански иницијативи. За едно од 120 пратенички места во косовскиот парламент се пријавија вкупно 1.052 кандидати.
Од 120 места, 20 се резервирани за немнозинските заедници, 10 за српската и 10 за останатите заедници: 3 за Бошњаците, 2 за Турците, 4 за Ромите, Еѓипќаните и Ашкалиите и едно за Горанците.
Предизборната кампања, која траеше од 3 до 12 февруари, помина во мирна атмосфера, но со непочитување на антиковид мерките.
Изборите ќе ги мониторираат околу 20.000 набљудувачи од политички субјекти, невладини организации, претставници на амбасади, медиуми и други.
На предвремените избори се оди поради одлуката на Уставниот суд на Косово од декември 2020 година. Со одлуката е прогласен за неуставен изборот на Владата на Косово на премиерот Авдулах Хоти поради неуставниот глас на пратеникот Етем Арифи осуден на 1,3 години затвор. Судот нареди распишување на предвремени избори, но и прецизираше дека кандидатот за пратеник не може да биде лице кое во текот на последните три години е правосилно осудувано.
Последните парламентарни избори, кои исто така беа предвремени, одржани се на 6 октомври 2019 година.