Dejan Maksimovic
02 Јануари 2025•Ажурирај: 02 Јануари 2025
ЦЕТИЊЕ (АА) - Според најновите информации, најмалку 12 лица, меѓу кои и двајца малолетници, се убиени вчера во пукање во угостителски објект и на други локации во црногорскиот град Цетиње, изјави обвинителката Андријана Настиќ, јавува Анадолу.
Доцна синоќа Настиќ соопшти дека убиствата се извршени на пет локации и дека сторителот на овие злосторства извршил самоубиство на шестата. Убиени се 12 лица, а тринаесетто е извршителот на убиствата, пренесе РТЦГ.
Како што потсети Настиќ, вчера околу 18 часот дежурната обвинителка во Вишото државно обвинителство во Подгорица била известена дека во Цетиње било употребено огнено оружје и дека се убиени неколку лица. По пристигнувањето на местото на настанот извршен е увид на шест локации и притоа е утврдено дека се убиени 12 лица, меѓу кои две деца.
„На секоја локација е извршен увид. Сторителот на убиствата се самоуби и тоа е шеста локација на која е извршен увид. Во тек се обвинителски и полициски дејства што ќе расветлат под кои околности се случил овој настан“, рече Настиќ.
Како што нагласи, на првата локација во кафеаната биле убиени четири машки лица, на втората, исто така, четворица, а на третата биле убиени две деца. На четвртата убиено е едно лице, како и на петата. На шестата локација е извршено самоубиство.
Локациите, како што рече, се оддалечени една од друга, но не може точно да каже колку.
Министерот за внатрешни работи Данило Шарановиќ синоќа на прес-конференција рече дека осомничен за убиствата е Ацо Мартиновиќ.
Во пукањето ранети се уште четири лица, на кои им е укажана лекарска помош во Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица.
Вршителот на должноста директор на полициската управа, Лазар Шќепановиќ, изјави дека осомничениот е лоциран во населбата Хумци.
Тој истакна дека не се знае мотивот за повеќекратните убиства и дека убиените биле негови пријатели и кумови.
По повод трагедијата во Цетиње, Владата на Црна Гора ги прогласи за денови на жалост 2, 3 и 4 јануари.
Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, синоќа рече дека е потресен од трагедијата во Цетиње и изрази сочувство до семејствата и пријателите на загинатите во масакрот.
„Наместо празнична радост, над нашиот главен град и цела Црна Гора надвисна тага поради загубата на невини животи. Запрепастен сум и потресен од оваа трагедија што го зави во црно нашето Цетиње, семејствата и пријателите на настраданите, на кои им изразувам искрено сочувство“, истакна Милатовиќ преку официјалниот профил на Х.
„Се молиме и се надеваме на оздравување на сите ранети. Нашите мисли вечерва се со семејствата што ги загубија своите сакани и со граѓаните на Цетиње. Цела Црна Гора ја чувствува и ја споделува вашата болка“, додаде тој.
Многу лидери и претставници од регионот изразија сочувство до црногорскиот претседател и семејствата на жртвите.