Zülfiya Yakup
18 Декември 2019•Ажурирај: 19 Декември 2019
ПРИШТИНА (AA) - Полицијата на Косово соопшти дека на приштинскиот аедродром уапсила двајца косовски државјани, кои Турција ги депортирала во Косово поради сомнеж дека се обиделе да се придружат на терористичките групи во Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во редовниот дневен извештај на Полицијата на Косово се наведува дека во вторникот на Меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ се уапсени две машки лица од албанската заедница, откако Турција ги депортирала под сомнеж дека се обиделе да се приклучат на терористичките организации или групи во Сирија.
Во соопштението се додава дека со одлука на обвинител, осомничените се притворени.
АА вчера објави дека Министерството за внатрешни работи на Турција депортирало двајца странски терористи, државјани на Косово.
Не е прецизирано на која терористичка организација ѝ припаѓале депортираните борци, но во последните месеци акцентот беше ставен на враќањето на терористите од ДЕАШ.
Турција е со став дека странските терористи треба да бидат вратени во нивните матични земји. Анкара соопшти дека неколку европски земји не вложиле напори да ги прифатат припадниците на ДЕАШ назад во нивните земји.
Потсетуваме, турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, соопшти дека досега Турција депортирала 7.500 припадници на ДЕАШ, додавајќи дека во турските затвори во моментов има 1.149 терористи на ДЕАШ.