Abdula Berisha
18 Декември 2019•Ажурирај: 20 Декември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, имаше обраќање во Собранието на Република Северна Македонија, на кое освен пратениците, присуствуваа и претставници на извршната власт предводени од премиерот Зоран Заев, лидерите на најважните државни институции, верските лидери, како и странските амбасадори, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во својот говор, претседателот Пендаровски зборуваше за повеќе внатрешни, регионални и меѓународни теми.
Тој посочи поделбите помеѓу граѓаните сè уште се длабоки, и по етничка и партиска припадност, но и меѓу Македонците, додавајќи дека се обидува да даде конкретен придонес со предлагање на модели за постигнување на поширок државен консензус.
Претседателот зборуваше и за мислењето на Венецијанската комисија за Законот за јазици, за кое што рече дека е „прочитано исклучиво преку политичка и етничка диоптрија". Тој се осврна и на состојбите во правосудниот систем, при што рече дека „општа е перцепцијата кај граѓаните дека само сиромашните, и луѓето на маргини, одговараат дури и за багателни кривични дела"
Претседателот Пендаровски ги нагласи и храбрите политички чекори на актуелната власт, која ги затвори политичките спорови со историска димензија со Бугарија и Грција, додавајќи дека тоа овозможи отварање на на евроатлантските интеграции.
„Влезот во НАТО претставува историски успех за оваа генерација политичари, но и за сите оние кои активно работеа за таа кауза од 1993 година, од првата Декларација усвоена со ниту еден глас против, токму во оваа Собрание. Според истиот модел на државно единство ќе мора да работиме заедно и во преговорите со ЕУ", истакна Пендаровски.
Зборувајќи за регионалните теми, Пендаровски се надоврза за регионалната инициатива на таканаречениот „мини-Шенген", при што рече дека за да биде ефикасна, оваа иницијатива мора да ги опфати сите шест држави од регионот.
„Во контекст на актуелните регионални иницијативи сакам посебно да истакнам дека тие во ниту еден случај не треба да бидат разбрани како замена за европските интеграции, туку само како инструмент за наше поврзо интегрирање во Европа. При тоа, т.н. мини-Шенген за да биде ефикасен мора да ги опфати сите шест држави од Западниот Балкан, а не само три", рече Пендаровски.
Тој го коментираше и разговорите околу можноста за промена на балканските граници, при што истакна дека тоа би го вратило регионот во времето на тензиите и можните конфликти. При тоа, Пендаровски смета дека разговорите меѓу Приштина и Белград треба да придонесот кон зацврстување на регионалната стабилност.
„Со должна почит кон сите оние кои имаат поинакво мислење за разговорите меѓу Белград и Приштина, овој свој став го имам кажано и образложено на сите странски државници со кои се имам сретнато до сега, а се разбира тоа му го соопштив и на претседателот на Србија и на претседателот и премиерот на Косово. Решението за меѓународниот статус на Косово треба да придонесе и да ја зацврсти регионалната стабилност и безбедност. Не можам да видам логика да решите еден проблем, а истовремено да отворите неколку други во истиот регион", истакна Пендаровски.
- „Умираат наши граѓани како последица на аерозагадувањето"
Во своето обраќање, претседателот посочи и на сериозната опасност од загадувањето на животната средина, истакнувајќи дека „умираат наши граѓани како последица на аерозагадувањето".
Тој предложи тоа прашање да се извади од дневната политика и да се донесе натпартиска државна стратегија за ублажување на негативните ефекти од оваа појава.
Освен тоа, претседателот ги повика релевантните политички субјекти да донесат натпартиска стратегија и за ублажување на последиците од иселувањето.
Претседателот нагласи дека е исклучително важно земјата на фер и демократски начин да ги организира изборите следната година, кои се предвидени да зе одржат на 12 април.
Потсетуваме, претседателот Стево Пендаровски на 12 мај официјално ја презеде функцијата претседател на Северна Македонија, по одржаните претседателски избори, првиот круг на 21 април а вториот на 5 мај, оваа година.