Furkan Abdula,Zylfije Adem Jakupi,Fatjon Cuka
01 Јануари 2022•Ажурирај: 02 Јануари 2022
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Новата 2022 година е дочекана со музика, забава и огномет на полноќ на плоштадите во Северна Македонија и Албанија, додека во Косово не беше организирана новогодишна прослава поради пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во главниот град на Северна Македонија, Скопје, голем број граѓани Новата година ја дочекаа на плоштадот „Македонија“ каде што ги забавуваа различни музички групи од земјата.
Од Град Скопје соопштија дека вечерашната забава е организирана со помош на општествено одговорни компании, кои во време на голема економска и енергетска криза помогнале граѓаните да имаат можност на плоштадот да ја дочекаат Новата година.
Дел од граѓаните Новата година ја дочекаа во домашна атмосфера, во кругот на семејството, поради ситуацијата предизвикана од пандемијата на новиот вид коронавирус (Ковид-19).
- Албанија
Исто така, и во Албанија новата година беше пречекана со концерти и огномети во Тирана како и во другите градови ширум земјата.
Општина Тирана во соработка со различни институции организираше различни настани по повод Новата 2022 година, со учество на албански музички групи.
Полицискиот час кој е на сила во земјата, е укинат само за оваа вечер.
- Косово
Меѓу другото, граѓаните во Косово Новата 2022 година ја дочекаа во своите домови со семејството и пријателите, имајќи го предвид фактот дека оваа година нема организирана новогодишна прослава поради пандемијата.
Во согласност со одлуката на Министерството за здравство на Косово за антиковид мерки, општина Приштина го откажа претходно закажаниот концерт со кој граѓаните требаше да влезат во Новата година.
Останатите активности на централниот градски плоштад Скендербег траеја до 21:30 часот, додека угостителските објекти беа отворени до 23 часот, како што предвидуваат владините мерки за спречување ширењето на пандемијата.
Полицискиот час, кој е на сила, трае од полноќ до 5 часот наутро. Косовската полиција соопшти дека се преземени соодветни мерки за одржување и гарантирање на општата безбедност на граѓаните за новогодишната ноќ.