Abdula Berisha
10 Јуни 2020•Ажурирај: 11 Јуни 2020
СКОПЈЕ
Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, учествуваше на свеченоста по повод одбележувањето на 10 Јуни, Денот на воздухопловниот ВИНГ, организирана во касарната „Страшо Пинџур“ во скопски Петровец, јавува Агенција Анадолија (АА).
Како дел од церемонијата, два грчки борбени авиона Ф-16, кои редовно патролираат на територијата на Северна Македонија во рамките на НАТО, изведоа низок демонстративен лет.
Во својот говор пред присутните, министерката Шекеринска истакна дека и за време на церемониите се забележува успешниот процес на членството на земјата во НАТО, додавајќи дека земјата е посветена на инвестирање во воздухопловните сили.
„Дефинитивно воздухопловството е делот од Армијата којшто побарува најмногу средства и најмногу инвестиции, и ние покажавме дека сме подготвени и за инвестиции во персонал, но и за инвестиции во опрема, и за тоа, согласно нашиот долгорочен план за развој на одбраната, во следните неколку години се планира модернизација на воздухопловните сили“, изјави Шекеринска.
Свој говор имаше и командантот на единицата ВИНГ, полковник Стојко Пејовски, кој потсети дека на 10 јуни 1992 година македонските воздухопловни сили го извршија првиот лет, за кој рече дека е историски настан за земјата.
„Почетоците на развојот на воздухопловството беа следени со низа предизвици. Со скромни средства во почетниот период, надоградени од година во година, достигнавме ниво со респектабилна инфраструктура и техника“, рече Пејовски.
Тој исто така рече дека во текот на изминатите години се случувале и несреќи во воздухопловните сили, при што беше изразена почит со минута молчење за сите што ги загубиле животите.
Како дел од церемонијата беа интонирани химните на Северна Македонија, НАТО и на воздухопловните сили на Северна Македонија, а демонстративни летови реализираа и неколку хеликоптери на земјата.