Husamedin Gina
04 Септември 2019•Ажурирај: 05 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Здружението за борба против рак „Борка за секој нов ден“ денеска одржа прес-конференција во рамките на одбележувањето на септември како месец посветен на подигнување на свесноста на хематолошки малигни заболувања, јавува Anadolu Agency (AA).
На презентацијата на податоците се обратија министерот за здравство на Северна Македонија, Венко Филипче, претседателката на Здружението „Борка за секој нов ден“, Биба Додева, претседателот на Здружението на заболени од хронична миелоична леукемија, Пепо Леви и директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис.
Mинистерот за здравство, Венко Филипче, истакна дека изминатите години успеале да обезбедат 30 нови лекови кои се потребни за лекување на пациентите со малигни заболувања кои воопшто не биле присутни во земјата.
„Прво 30 нови молекули, значи лекови кои воопшто не беа присутни во нашата земја. Понатаму зголемен број пациенти кои сега ќе ги примаат тие лекови. Трета битна работа - континуитет во лекувањето“, нагласи министерот Филипче, истакнувајќи дека начинот на планирање на повеќегодишната набавка придонела во заштеда на милионски суми.
„Подигнувањето на свеста за малигните хематолошки заболувања е од исклучително значење за брза детекција на овие болести“, истакна Додева, наведувајќи дека се среќни бидејќи се воведени најнови методи за лекување на овој тип болести.
„За првпат имаме достапност на голем број терапевтски можности кои досега не биле достапни за нашите пациенти. Искрено се надеваме дека овој позитивен тренд ќе продолжи и системски ќе се реши проширувањето и измената и на позитивната листа“, рече Додева.
Директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска Ставридис, осврнувајќи се на бројките на заболени од малигни хематолошки болести, рече дека Северна Македонија се приклучува на глобалниот тренд на растење на инциденцата на малигни хематолошки заболувања.
„Најмногу расте бројката на пациенти со акутна леукемија. Еве, може да ви кажам една интересна статистика. На пример, во 2014 година во текот на целата година биле дијагностицирани 50 пациенти со акутна леукемија, минатата година беа 91 пациент, а до 30 јуни оваа година веќе имаме 50 нови пациенти дијагностицирани пациенти со акутна леукемија“, нагласи директорката Ставридис.
На глобално ниво, месец септември е посветен за подигнување на свеста за малигните болести на крвта. Во исто време се испраќа порака да се поддржат истражувањата за изнаоѓање ефикасни терапии кои би им помогнале на пациентите со неопходниот третман.