Admir Fazlagic
13 Февруари 2019•Ажурирај: 14 Февруари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Бројот на загинати во несреќата во сообраќајна несреќа во која се преврте автобус на автопатот Скопје-Тетово се зголеми на 14, потврди премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев. Тој истакна дека вечерва Владата донесе одлука со која 14 и 15 февруари се прогласени за денови на жалост, јавува Anadolu Agency (AA).
„Вечерва нашата држава тагува, ги мобилизиравме сите сили и капацитети да им помогнеме на сите повредени кои се во опасност колку што може побрзо да ја добијат неопходната помош и да им се вратат на своите најблиски. Вечерва Владата донесе одлука со која 14 и 15 февруари ги прогласува денови на жалост", изјави Заев за медиумите по одржаната вонредна владина седница по повод тешката сообраќајна несреќа која се случи на патниот правец Скопје - Тетово.
Заев рече дека автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, а несреќата се случила кај село Ласкарци. Информираше дека не се утврдени причините за несреќата, а истрагата за случајот е под раководство на надлежниот обвинител.
„Вечерва за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани, 7 наши сограѓани починале на лице место на несреќата, 37 лица биле хоспитализирани во „8 Септември", 6 од тие 37 се починати во „ 8 Септември". Во „Св. Наум Охридски" имаме 1 починато лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба. Едно лице е на домашно лекување од Гостивар, и во „Мајка Тереза" се осум лица од кои 3 се со сериозни повреди", рече Заев.
Министерот за здравство на Република Северна Македонија, Венко Филипче, рече дека возачот на превртениот автобус се наоѓа во болницата „8 Септември".
Филипче додаде дека возачот разговараше со претставници на институциите, а дека неговата здравствена состојба е стабилна.