Edıta Zekjırovıc
06 Јули 2022•Ажурирај: 06 Јули 2022
СКОПЈЕ (АА) - Протестите на граѓаните, кои бараат отфрлање на францускиот предлог за решавање на спорот помеѓу Северна Македонија и Бугарија и почеток на преговорите на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ), се одржаа четврти ден по ред, јавува Агенција Анадолија (АА).
Демонстрантите протестот го започна пред Владата на Северна Македонија, каде фрлаа со шишиња и други предмети кон полицијата и зградата на Владата. Потоа се упатија кон зградата на Министерството за надворешни работи, каде своето незадоволство го искажаа фрлајќи со јајца кон зградата.
Оттаму, демонстрантите се упатија кон Собранието на РСМ каде фрлаа со шишиња, тврди предмети, камења, цигли, притоа користеа и пиротехнички средства. Потоа, демонстрантите ја преминаа оградата и се судрија со полицијата при што имаше повредени полицајци, а интервенираше и Брзата помош.

Полициските припадници уапсија неколкумина од демонстрантите. Ситуацијата потоа беше ставена под контрола, а демонстрантите порачаа дека ќе продолжат со протести во наредните денови.
Претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Шарлс Мишел, кој престојуваше во еднодневна посета на РСМ.
На средбата, според соопштението од Кабинетот на претседателот, „двајцата претседатели се согласија дека прифаќањето на францускиот предлог ќе овозможи отворање на првата фаза од пристапните преговори, со што фактички ќе се одблокира ЕУ-интеграцијата на земјата. Покрај ова, отворањето на првата фаза ќе претставува натамошен поттик за напредокот и просперитетот на Северна Македонија“, се нагласува во соопштението.
Во изминатите денови, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека актуелниот француски предлог за решавање на спорот со Бугарија е ист како претходниот и според него ги содржи „сите бугарски барања во делот на јазикот, историјата и идентитетот“.
На 30 јуни до Владата на Република Северна Македонија, од француското Претседателство пристигна модификуван предлог, по што започна консултативен процес најпрво во Владата и коалициските партнери, а потоа и со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор.
Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, изјави дека модификуваниот предлог ги инкорпорира забелешките и јасно изградените ставови на македонската страна, предвидува јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик како и тоа протоколот со Бугарија да не биде дел од преговарачката рамка.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чие претседателство го изготви предлогот, смета дека со предлогот е пронајдено компромисно решение за двете страни.
Францускиот предлог е документ кој треба да доведе отстранување на двегодишното вето од страна на Бугарија за интеграција на Северна Македонија во ЕУ.