Abdula Berisha
17 Октомври 2019•Ажурирај: 18 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Македонската платформа против сиромаштија под слоганот „Сиромашните се луѓе, не статистика!“ го одбележа Меѓународниот ден за искоренување на сиромаштијата, јавува Anadolu Agency (AA).
Билјана Дуковска од оваа невладина организација рече дека конечно, намалувањето на сиромаштијата е врвен приоритет во агендата на Владата на Република Северна Македонија, изразувајќи надеж дека ова на долг рок ќе вроди со плод.
„Во моментов се наоѓаме на почетокот на социјалната реформа и чувствата се измешани дали е таа добра и дали ќе вроди со позитивни ефекти или не, бидејќи различни организации од различни градови ни споделуваат различни искуства“, рече Дуковска.
Таа исто така рече дека не треба да се дозволи децата да живеат во сиромаштија и дека треба да постои квалитетна социјална заштита која ќе ги опфати нив и нивните семејства.
Зоран Биковски од организацијата КАМ од Делчево рече дека сиромаштијата не може да се реши само со Законот за социјална заштита, туку дека се потребни повеќе напори во здравството, образованието и економијата.
„Она што особено нè загрижува е дека сè уште немаме добро владеење на правото, односно немаме правилна имплементација на законите кои ги носат во нашата држава“, рече Биковски, посочувајќи дека извршителите и релевантните институции сè уште блокираат сметки на корисници на социјална помош, што е забрането со закон.
Тој исто така зборуваше и за економскиот развој на земјата, при шти истакна дека одредени региони се соочуваат со помалку економски перспективи и помалку инвестиции.