Tufan Aktaş
27 Ноември 2017•Ажурирај: 28 Ноември 2017
АДИС АБЕБА (АА) - Туфан Акташ - Во Адис Абеба, главниот град на Етиопија, секој ден има сѐ повеќе „куќички“ направени од лим со површина од два квадратни метри, кои се сведоци на сѐ поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните, пишува Anadolu Agency (AA).
Раскошот на богатите не е возможно да не се забележи, исто како што не можат а да не се забележат и неколку споени листови кои треба да претставуваат покрив над главата за чуварите, за сиромашните.
Луѓето кои се во потрага по работа доаѓаат од други градови, многу често немаат доволно пари да платат кирија, поради што се решаваат на живот во неколку квадратни метри меѓу неколку делови од лим.
Вакви „куќички“, кои повеќе потсетуваат на лимени конзерви, има многу повеќе од пред една деценија, а тешко е да се замисли дека тие би можеле да обезбедат некаков облик на заштита. Сепак, нивните сопственици се среќни што, покрај илјадниците бездомни лица, имаат „покрив“ над главата.
Теклел Кетар (20), кој преку ден чисти чевли, а во текот на ноќта е чувар во хотел, живее во една таква куќичка во населбата Казанчис.
Тој рече дека за работата како чувар месечно е платен околу 1.000 бири (околу 36 евра).
„Овде работам веќе една година. Оваа куќичка ми ја даде хотелот во којшто работам. Во текот на ноќта проверувам што се случува во близина на хотелот“, рече Кетар кој настојува и да се школува.
Тој рече дека неговиот сон е да го заврши школувањето и да го промени својот живот, но и животот на семејството.
„Сакам да имам и автомобил. Можеби еден ден дури и хотел кој ќе го водам“, истакна тој.
Слична судбина имаат и Севнет Херује (52), кој е чувар во Чичиниа. Не е задоволен со животот во куќичката, но друг избор нема.
„Веќе пет години работам како стражар. Од тоа месечно заработувам 700 бири (околу 25 евра)“, рече тој и додаде дека е принуден да работи уште една работа, бидејќи овие средства не се доволни за живот.
Тој истакна дека е тешко да се живее во куќичка од лим, но дека е принуден на тоа додека не најде подобра работа.
„Многу е ладно. Не е лесно да се биде чувар. Мора да бидете подготвени на секаква опасност. Не можам доволно да се одморам“, се пожали тој, додавајќи дека многу луѓе овие куќички ги изнајмуваат за различни намени.