Bojana Stojanovic
23 Март 2018•Ажурирај: 24 Март 2018
БЕЛГРАД (АА) - Полицијата на Србија приведе 270 лица и заплени околу 30 килограми наркотици и поголемо количество оружје во акцијата „Аурора“, спроведена на територијата на повеќе полициски управи во Србија, со цел сузбивање на општиот криминал, пренесува Anadolu agency (AA).
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи на Србија, акцијата е спроведена во претходните два дена, а запленети се околу 25 килограми хероин, 720 грама кокаин, 4,1 килограм амфетамин, 580 таблети екстази, 578 парчиња различни таблети и околу 70 килограми кофеин-хидрид, кој се употребува за зголемување на масата на опојните дроги.
Полицијата во Бор откри и лабораторија за одгледување марихуана во вештачки услови.
Кога станува збор за оружје, полицијата одзеде 13,5 килограми експлозив во патрони, 1 килограм барут, 68 пушки, од кои 3 автоматски, 46 пиштоли, 5 револвери, самострел, рачни бомби, детонирачки стапчиња, како и 5.694 парчиња муниција од различен калибар.
Осомничените се обвинуваат за неовластено производство и продажба на опојна дрога, оружје и експлозивни материјали, за дела од областа на имотни деликти, уцени, измами, киднапирања, загрозување на безбедноста, изнуда, насилничко однесување, насилство во семејството, тешки телесни повредни, прикажување, набавка и поседување на порнографски материјали и искористување на малолетни лица за порнографија, фалсификување документи, лихварство...
Полицијата, по налог на надлежното Обвинителство, поднесе кривични пријави против 277 лица.
Во текот на акцијата, одземени се 234.120 динари (околу 2.000 евра), 13.875 евра и 20 украдени возила.