Балкан

Заев-Коѕијас: Да правиме чекори кои нѐ водат поблиску до решението

„Фокусот на нашите разговори мора да биде иднината меѓу двете земји. Треба да сме одлучни, и да правиме чекори кои нѐ водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји", истакна премиерот Заев

Admir Fazlagic  | 23.03.2018 - Обновена : 24.03.2018
Заев-Коѕијас: Да правиме чекори кои нѐ водат поблиску до решението (Foto: Besar Ademi/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска ја прими во посета делегацијата на Министерството за надворешни работи на Република Грција, предводена од министерот Никос Коѕијас, која е во дводневна официјална посета на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Како што информираат од Владата на Република Македонија, премиерот Заев истакнал дека и „оваа средба го зазема своето место како значајна во разговорите за проблемот што Република Грција го има со уставното име на Македонија", и дека се совпаѓа со еден исклучително позитивен момент кога се очекуваат трајни решенија за билатералните прашања во регионот во перспектива на очекувањата на Европската Унија.

„Фокусот на нашите разговори мора да биде иднината меѓу двете земји. Треба да сме одлучни, и да правиме чекори кои нѐ водат поблиску до решението на единственото отворено прашање меѓу нашите две земји. Уверен сум дека овој пристап ќе доведе до решение кое ќе им даде доволно прифатливи аргументи на институциите во двете земји, како и на опозицијата, да прифатат дека тоа ќе биде достоинствено и за Република Македонија и за Република Грција", истакна премиерот Заев на средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Коѕијас.

Од Владата на Македонија наведуваат и дека Заев нагласил дека и двете земји за време на процесот практикуваат и негуваат една заедничка, европска вредност, а тоа е взаемното градење на подобри билатерални односи и релации на доверба.

„Останува и понатаму да ги усовршуваме билатералните односи, да ги негуваме и да ги направиме уште подобри откако прашање за името ќе биде решено, бидејќи граѓаните во нашите земји, нашите пријатели во ЕУ и меѓународната заедница, очекуваат решение на ова прашање", рече премиерот Заев.

Министерот за надворешни работи на Република Грција Николаос Коѕијас, потенцираше дека сегашноста и иднината бараат одговорност за решение на отвореното прашање.

Министерот Коѕијас истакнал дека Грција, како земја членка во НАТО и ЕУ со најстара демократска традиција во регионот, има голема одговорност за решавање на ова прашање, и дека мора да се најде компромис прифатлив за двете страни.

Инаку, грчкиот министер Коѕијас кој се наоѓа во дводневна официјална посета на Република Македонија, оствари средба со неговиот македонски колега, минисерот за надворешни работи Никола Димитров, а денеска се состанува и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.