Stipe Majic
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Од синоќа на полноќ на сила стапи првиот пакет на ублажување на превентивните мерки донесен од Националниот центар за цивилна заштита Хрватска, според кој од денеска се отвораат сите продавници, како и јавниот превоз, но под посебни епидемиолошки мерки, јавува Агенција Анадолија (АА).
Центарот за цивилна заштита, од денеска, со цел делумно придвижување на економијата во земјата, овозможува работа на сите деловни субјекти кои се занимаваат со трговија, освен оние што работат во рамките на трговските центри, кои не беа отворени претходно.
Во објектите во кои работното време е подолго од 10 часа, задолжително е организирање на двократно работно време и паузи при смената на работниците во траење од најмалку еден час со цел адекватно чистење и дезинфекција на продавницата.
Забраната за работа останува да важи за неделите, за државните празници и неработните денови, со исклучок на киосците, пекарниците, продавниците за леб и печива и продавниците на бензинските пумпи.
Исто така, пуштени се и линиите на јавниот градски и приградски превоз. Во Загреб трамвајот не работи, туку само автобусите во кои има зголемена контрола на билетите, на патниците им се препорачува да носат маска и да одржуваат физичка дистанца.
Во Хрватска се воведуваат и брзобродските линии кон островите кои не се поврзани со траекти, се овозможува работата на библиотеките, музеите, галериите, антикварниците и книжарниците, како и тренинзите на спортистите од I и II категорија во индивидуалните спортови и на сениорските спортски тимови кои се натпреваруваат на највисоко ниво.
Ако првата фаза на олабавување на мерките, која започна поради намалувањето на бројот на заразени и поради нормализирање на животот, се покаже успешна, следниот сет мерки би требало да стапи на сила на 4 мај, кога ќе се овозможи работа на услужните дејности со близок контакт како фризерските и козметичките салони, но и работата во целосни рамки на јавното и приватното здравство.
Во Хрватска досега се потврдени вкупно 2.030 пациенти со Ковид-19, а 1.103 се излекувани. Во земјата од вирусот досега починаа 55 луѓе.