Adel Ömeragic
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
ПОДГОРИЦА (AA) - Во Вишиот суд во Подгорица продолжува судењето за планираните терористички напади во Црна Гора на денот на парламентарните избори минатата година. На денешното судење ќе биде сослушан српскиот државјанин Александар Саша Синѓелиќ, клучен сведок, соработник во овој процес, кој во црногорската јавност е познато како „судење на векот“, јавува Anadolu Agency (AA).
Денешното судење е проследено со строги безбедносни мерки во судот, како и на просторот пред судот. Од раните утрински часови околу Вишиот суд се распоредија голем број полицајци, како и инспектори во цивилна облека.
Сведокот-соработник Александар Саша Синѓелиќ е клучен сведок на Специјалното обвинителство. Денеска тој ќе одговара на прашањата од обвинителството и од одбраната на обвинетите.
На денешното судење присуствуваат обвинетите лидери на Демократскиот фронт, Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, како и обвинетиот во овој случај, кои моментално се наоѓаат во притвор во Спуж. Тоа се Братислав Дикиќ, поранешен командант на српската жандармерија, Милан Душиќ, Драган Максиќ и Србољуб Ѓорѓевиќ. Присутни се и Кристина Христиќ, Бранка Милиќ и Михаило Чаденовиќ, кои се бранат од слобода.
Со обвинението на Специјалното обвинителство се опфатени двајца руски државјани, Едуар Шишмаков и Владимир Попов, како и српските државјани Милош Јовановиќ, Немања Ристиќ и Предраг Богичевиќ. Србија до денес не ѝ ги испорача Ристиќ и Богичевиќ на Црна Гора, и покрај барањата за испорачување од страна на црногорските правосудни органи.
Според обвинението, на 16. октомври 2016 година, во Црна Гора е спречен државен удар. Според наводите на обвинителот Миливое Кантиќ, во ноќта за време на одржувањето на парламентарните избори било планирано да дојде до упад во Собранието, како и да се уапси и да се ликвидира поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ.
Во согласност со обвинението, Обвинителството верува дека лидерите на Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ станале членови на групацијата што на територијата на Црна Гора, Србија и Русија ја оформиле двајца руски агенти, Едуард Широков (Шишмаков) и Владимир Попов, со цел насилно да ја срушат власта.
Како што пишува во последната наредба за проширување на истрагата, Андрија Мандиќ имал значајна улога во делувањето на криминалната група. Според упатствата на организаторите на криминалната организација, лидерот на ДФ ги врбувал лицата кои биле подготвени да учествуваат во подготовката и изведувањето на масовни демонстрации и насилно заземање на зградата на Собранието на Црна Гора. Едно од задолженијата на лидерот на ДФ било и да организира протестни митинзи пред Собранието, кои требало да бидат користени за реализација на криминалниот план и за насилно влегување во Собранието.
Осомничениот Милан Кнежевиќ немал толку многу задолженија како Мандиќ. Тој, според ставот на Обвинителството, бил задолжен за комуникацијата меѓу членовите на криминалната организација и за пренесување пораки. Во наредбата е прецизирано дека Кнежевиќ бил задолжен да постапи според упаствата на организаторите и членовите на криминалната организација, да пренесува пораки и упатства меѓу членовите, да одржува комуникација со други членови кои се во странство.
Мирко Велимировиќ, клучен човек за разоткривање на операцијата, во меѓувреме условно е осуден, додека на Александар Синѓелиќ му е доделен статусот на сведок-соработник.
Договори со Обвинителството потпишаа Никола Ѓуриќ, Синиша Четковиќ, Александар Чуровиќ, Дејан Станојевиќ и Ивица Матиќ. Тие потпишаа да поминат по пет месеци во затвор.
Српските државјани Александар Алексиќ, Милош Аќимовиќ и Перица Андриќ на 17. февруари, во судницата на Вишиот суд признаа дека биле дел од криминалната организација. Според нивните искази, планот бил насилно да влезат во зградата на Собранието и да чекаат понатамошни наредби доколку ДФ загуби на парламентарните избори. Тие се осудени на по пет месеци затвор поради кривично дело создавање криминална организација.