Abdula Berisha
20 Октомври 2022•Ажурирај: 21 Октомври 2022
СКОПЈЕ (АА) - Вработените во Акционерското друштво во државна сопственост „Пошта на Северна Македонија“ организираа предупредувачки протест преку кој бараат редовна исплата на плата, како и изнаоѓање решение за излез од тешката ситуација во која се наоѓа компанијата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Вработените, организирани од синдикалните организации, протестот го одржаа за време на паузата, преку кој бараат да им биде исплатена септемвриската плата и во иднина да не се доцни со исплатата на платите.
Претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, изјави дека 2.200 вработени низ целата земја учествуваат на протестот.

„Сите знаеме дека рокот за исплата на плата законски е до 15., меѓутоа, денеска сме 20., а платата на вработените за месец септември сѐ уште не е исплатена“, изјави Велигденов.
Тој најави дека доколку во наредните денови не се исплати платата, во вторник ќе излезат на протест пред Владата.
Велигденов, исто така, рече дека тешката состојба во која се наоѓа компанијата се провлекува со години и изрази загриженост за иднината на компанијата и зачувување на работните места, додавајќи дека е потребна стратегија како да се излезе од кризата.
Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски, рече дека решението е државата да си ги користи своите ресурси кои ги има компанијата „Пошта на Северна Македонија“ и да не се користат услугите на приватните пошти.

Според него, вака ќе се реши финансискиот проблем на компанијата и во иднина нема да се повтори истиот проблем.
„Како Сојуз на синдикати на Македонија, ќе поднесеме барање уште во вторник, на владина седница, со заклучок, бидејќи сме акционерско друштво во државна сопственост, премиерот да нареди на сите министри да ги користат услугите на Македонска пошта“, рече Димовски.
Тој истакна дека синдикалните организации нема да дозволат да се распадне нешто што е градено со години.