Zylfije Adem Jakupi
19 Октомври 2022•Ажурирај: 20 Октомври 2022
ПРИШТИНА (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ги поддржуваат евроатлантските аспирации на Косово, како и учеството на Косово во дијалогот со Србија, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД и пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
По состанокот Османи им се заблагодари на американските сојузници за постојаната поддршка на Косово. Таа истакна дека историјата докажува дека ангажирањето на САД на Косово и во регионот е незаменливо и егзистенцијално.
Османи ја истакна посветеноста и константната работа на косовските институции кон преземањето конкретни чекори за зачленување во евроатлантските структури.
Косовската претседателка рече дека станало збор и за потребата од остварување напредок во дијалогот меѓу Косово и Србија и нагласи дека Косово е конструктивна страна во тој процес.
„Ја искористив можноста да ја изразам и нашата загриженост и незадоволство од неспроведувањето на договорите потпишани од Србија, вклучително нивното континуирано одбивање за расформирање на илегалните и криминални структури кои продолжуваат да им се закануваат и да ги заплашуваат косовските Срби и кои се предводени од поединци санкционирани од Владата на САД. Србија не само што одбива да ги расформира, туку ги поддржува и политички и финансиски“, нагласи Османи.
Заменик-помошникот државен секретар на САД, Габриел Ескобар, изрази континуирана поддршка на САД за Косово, вклучително и поддршка за учеството на Косово во дијалогот со Србија, олеснет од страна на Европската Унија.
„Целта на посетата е да се види начинот на соработка со многу добриот сојузник и близок пријател на САД. Тоа е пријателство и партнерство засновано не само на заеднички интерес, туку и на споделување на истите вредности. Сакам да ја изразам постојаната американска поддршка за евроатлантските аспирации на Косово и да покажам солидарност за Косово во овој момент на криза“, рече Ескобар.
Ескобар ѝ се заблагодари на Османи за организирањето на првото издание на Форумот за жени, мир и безбедност, што ќе се одржи од 22 до 23 октомври во Приштина.
Американскиот дипломат го прими и премиерот на Косово, Албин Курти.