Abdula Berisha
19 Април 2022•Ажурирај: 20 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) на Северна Македонија минатата недела започна штрајк, оставајќи ги дома учениците од основното и средно образование, како и децата од градинките, известува Агенција Анадолија (АА).
Јаким Неделков, претседателот на СОНК, информираше дека на штрајкот кој започна минатиот понеделник му се приклучиле околу 25.000 вработени во градинките, основните и средни училишта.
Наставниците се на работа, но не одржуваат настава, што предизвика конфузија кај родителите во првите денови од штрајкот.
Како што соопштија од СОНК, штрајкот ќе продолжи се до изнаоѓање на потребно решение за зголемување на платите на вработените за 18,4 отсто, односно нивно усогласување со зголемувањето на минималната плата, која со владина одлука беше зголемена од 15.200 на 18.000 денари.
Пред извесно време, од СОНК соопштија дека ја одбиле одлуката на владата за зголемување на платите за 10 отсто, инсистирајќи на прифаќање на нивните барања.
Димитар Ковачевски, премиерот на Северна Македонија, одлуката на СОНК за одбивање на овој предлог за зголемување на платите го опиша како штетен.
„Денес започнува втората недела што децата не се во училиште. Со одбивање на предлогот за зголемување на платите за 10 отсто, СОНК одлучи да продолжи со уцени кои им штетат на образованието на децата и го отежнуваат секојдневието на родителите“, рече Ковачевски.
Премиерот нагласи дека владата вложува сериозни напори за да се соочи со кризата, со цел да го амортизира зголемувањето на цените и да обезбеди достоинствен живот за граѓаните.
Одлуката на Владата да ја зголеми само минималната плата ги погоди и вработените од другите јавни сектори. Делумни штрајкови од неколку часа, како и најави за штрајк и протест има од повеќе синдикати, вклучувајќи ги и синдикатите на вработените од државна администрација, судска администрација и поштата. Дел од синдикатите најавија протест за 1 мај.