Dejan Maksimovic
25 Септември 2020•Ажурирај: 25 Септември 2020
ИСТАНБУЛ
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера допатува во посета на Турција, за време на која денеска во Истанбул ќе има деловен ручек со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за српските медиуми, Вучиќ истакна дека е многу важно за Србија да има одлична комуникација со Турција, која според неговите зборови е една од најзначајните сили во светот.
„Многу е важно за Србија да има добра, одлична комуникација со Турција. Турција е една од најзначајните регионални сили во целиот свет, но е една од силите која е сѐ поважна, воопшто, во светски рамки. Нејзиниот демографски, економски, културен и секој друг потенцијал е огромен. Важно е да имаме добри односи со неа. Со оние кои се блиски со Србија и имаат големо влијание во нашиот регион, се трудиме да сочуваме најдобри пријателски односи кои ќе ги унапредуваме во иднина“, истакна Вучиќ.
Тој рече дека мисли оти Турција е заинтересирана за повеќе теми, а дека за Србија е важно да се труди и да се обиде да ги сочува најдобрите односи со нејзините пријатели.
„Важно е работите да ги решаваме со дијалог, а турскиот претседател Ердоган секогаш сакаше да ја сослуша српската страна“, нагласи Вучиќ.
Пред да замине за Истанбул, српскиот претседател нагласи дека не мора ни да каже колку се важни разговорите со турскиот претседател.