Zülfiya Yakup
08 Септември 2018•Ажурирај: 09 Септември 2018
ПРИШТИНА (АА) - „Езерото и хидроелектраната Газивода се од огромно значење за Србите и Албанците и најдобро ја покажуваат длабочината на нашите спорови“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, за време на обиколката на браната „Газивода“, во општина Зубин Поток во северниот дел на Косово, јавува Anadolu Agency (AA).
Вучиќ, кому Зубин Поток му е првата станица во дводневната посета на Косово, рече дека на Газивода најдобро се гледа тежината на проблемите со кои се соочуваат Србите и Албанците и тешката политичка борба која се води за Газивода, и изрази надеж дека во иднина ќе се постигне договор на начин и едните и другите да бидат задоволни од искористувањето на водата.
Тој нагласи дека Србија оваа година во реновирање и реконструкција на браната вложила 127,9 милиони динари и дека ќе бидат уплатени уште 12 милиони динари со цел работите да бидат завршени до крајот на септември.
Истакна и дека во Зубин Поток, во северниот дел на Косово, дошол за да зборува дека се залага за зачувување на мирот и стабилноста и за изградба на добри односи помеѓу Србите и Албанците, како и дека Србија има план и програма за економски вложувања во 10 општини во Косово во кои мнозински живеат Срби.
„Ние со Албанците со обидувавме и пробавме сè и не одеше, време е да разговараме едни со други со поголемо почитување, а дали ќе успееме да изградиме и некое пријателство, потребно е време“, рече Вучиќ.
Запрашан за коментар во врска со изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел која повтори дека е против промена на границите, Вучиќ изјави дека тоа не е нешто ново и дека на тоа сигурно се радуваат неговите политички противници во Србија. Тој нагласи дека ја почитува Ангела Меркел и оти неговата сила е толку минимална во споредба со нејзината, и доколку таа вели така „ние тоа сигурно не можеме да го промениме“, но додаде дека тоа не значи дека не може да му се помогне на српскиот народ да опстане на своите огништа.
Во врска со пишувањето на косовските медиуми дека го понижил косовскиот претседател Хашим Тачи со одбивањето да се сретне со него вчера во Брисел, Вучиќ рече дека никого не понижил, туку дека тоа го направиле некои други кои споменувале нечии ќерки и нечии синови, алудирајќи на изјавата на Албин Курти.
„Не сум некој кому Тачи му е ниту другар, ниту пријател, ниту пак пријатен соговорник, напротив. Сигурно и во неговиот случај е исто или полошо“, рече српскиот претседател, додавајќи дека и покрај тоа нивната работа е да разговараат и да го решаваат проблемот, дека ќе биде многу тешко да се постигне договор и дека сите мора да сфатат дека работите не се исти како во 1999 година.
„Нашата работа е, пред сè, да го чуваме мирот и да се обидеме да се приближиме до некакво решение некогаш, тоа е процес, и ако ние не го завршиме тоа ќе го направи некоја втора или трета генерација, и верувам дека границите ќе бидат многу помалку важни кога ќе бидеме дел од Европа“, рече тој.
Претседателот Вучиќ со својата делегација во текот на посетата на Косово ќе посети четири општини во северниот дел на Косово во кои живее мнозинско српско население, освен Зубин Поток, ќе ги посети и Лепосавиќ, Звечан и Северна Митровица, каде што утре ќе одржи главен, како што самиот најави, историски говор.