Admir Fazlagic
08 Септември 2018•Ажурирај: 15 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел којашто денеска престојува во официјална посета на Република Македонија, по средбата со премиерот Зоран Заев порача дека за да земјата биде дел од европското семејство е потребно уште многу работа, но предусловот е да има успешен референдум на 30 септември, јавува Anadolu Agency (AA).
Меркел денеска пред платото на Владата на Република Македонија беше пречекана со свечена церемонија, по што одржа средба со премиерот Зоран Заев, а потоа и заедничка конференција за медиумите.
Германската канцеларка, истакнувајќи дека се наоѓа во посета на Скопје во еден посебен ден, упати честитки по повод Денот на независноста на Република Македонија и додаде дека се радува што двете земји веќе 25 години имаат дипломатски односи кои се интензивни, успешни и пријателски.
Меркел истакна дека на средбата со премиерот Заев разговарале и за претстојниот референдум кој треба да се одржи на 30 септември оваа година и истакна дека референдумот е можност за отворање на вратите за земјата да биде дел од евроатланското семејство.
„Потребно е уште многу работа, но предусловот е да има успешен референдум на 30 септември. Не сакам да се мешам во одлуката на вашите граѓани, но од сопствено искуство можам да кажам дека ова е историска шанса што не се појавува секој ден, тоа е шанса што една генерација ја има само еднаш. Овој 30 септември е историска шанса, не останувајте дома, искористете ја вашата демократска можност да го кажете она што го мислите и што сакате да го кажете за иднината на вашата земја“, истакна Меркел.

За Договорот за решавање на спорот со името помеѓу Македонија и Грција, германската канцеларка рече дека за постигнувањето договор била потребна политичка храброст.
„Со години се наоѓавме во една ситуација во која немаше никаков напредок, сега се постигна пробив. Беше потребна политичка храброст, затоа 30 септември е уште еден клучен ден за иднината на вашата земја“, истакна Меркел и упати благодарност до премиерот на Македонија, Зоран Заев, но и до грчкиот премиер Алексис Ципрас и до премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, за како што рече, нивната политичка храброст.
Според нејзините зборови, од германски и европски аспект постои голем интерес за стабилен Западен Балкан, за кој рече дека е клучен за стабилноста на целата Европска Унија (ЕУ).
Запрашана за можните промени на границите на Западниот Балкан, Меркел рече: „Верувам дека територијалниот интегритет е важна појдовна точка за регионот да остане таков каков што е и за да има уште поголема соработка кога сите овие земји ќе бидат дел од ЕУ“.
Исто така, германската канцеларка информираше дека со премиерот Заев разговарале за билатералните односи, додавајќи дека 100 илјади жители од Македонија живеат во Германија, кои се своевиден мост помеѓу двете земји, но она што е важно, е интензивната размена на економиите помеѓу двете земји, односно дека трговската размена изнесува 3,5 милијарди евра и е во пораст.
Премиерот Зоран Заев истакна дека му е посебна чест што на овој ден има можност за прв пат во историјата на односите меѓу Македонија и Германија да посака добредојде на еден германски канцелар во офиицијална посета на Македонија.
„Оваа посета денеска е референца кон минатото поради денот на нашата независност, но и референца кон блиската иднина кон која нè кани целиот демократски свет, а тоа е членството во ЕУ и НАТО. Јас сум многу благодарен и среќен што имаме сојузници со кои делиме исти вредности и што Германија е меѓу најсилните поддржувачи на нашиот стремеж да станеме рамноправен член во најсилните и најстабилните семејства во светот, во НАТО сојузот и Европската Унија."

Тој рече дека посетата на канцеларката Меркел е многу инспиративна за Македонија и помага да се изгради просперитетно општество врз европските вредности.
„Оваа посета е силна порака и поттик за нас во пресрет на референдумот на кој граѓаните на нашата земја ќе ја изберат иднината. Оваа посета е уште едно охрабрување дека големите сили подджуваат доследно спроведување на Договорот со Грција од двете страни и потврда дека Договорот ја гарантира македонската иднина и нашето место во ЕУ и НАТО“, истакна Заев.
Во однос на економската соработка со Германија, Заев рече дека 47 отсто од вкупниот извоз на Македонија оди во Германија. Според неговите зборови, вредноста на трговската размена достигнала повеќе од 3,6 милијарди долари и изрази надеж дека уште оваа година ќе достигне над четири милијарди долари.
Тој додаде дека 200 германски компании се партнери на македонските компании, кои отвориле повеќе од 20 илјади работни места во земјата.