Vesna Besiç
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
САРАЕВО (АА) - Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по состанокот со членовите на Претседателството на БиХ, денес во Сараево порача дека сакаат Белград и Сараево да ги поврзат и дека воспоставувањето на конечната граница би бил извонреден сигнал за целиот регион, и за БиХ, јавува Anadolu Agency (AA).
На состаноците е разговарано за прашањето на границата меѓу БиХ и Србија, каде што беше нагласена важноста на тоа прашање за БиХ.
Вучиќ изрази благодарност за гостопримството и рече дека за него најважно е да каже денес во Сараево, без оглед што знае дека многумина во тоа нема да поверуваат, дека дошол во главниот град на Босна и Херцеговина како претседател на Србија да каже дека во Србија, Босна и Херцеговина има вистински, искрен пријател.
„Тоа пријателство да го покажуваме и преку почитување на територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, преку зајакнување на економските, политичките и сите други врски. Србија и Босна и Херцеговина имаат трговска размена од околу една милијарда и 525 милиони евра. Таа во регионот е најголема за нашата земја. Мислам дека денес е најголема и за БиХ“, рече Вучиќ.
Разговарано е за повеќе конкретни проблеми, и како што рече, отворено зборувале и за политичките разлики.
„Она што е конкретно и за што разговаравме, ние завршуваме со формирањето и одредувањето на Комисијата за границата и веруваме дека тоа драматично ќе ги забрза разговорите за воспоставување на конечните граници; денес, како што знаете, решени се 97 отсто од таа граница, треба да ги решиме уште тие три отсто. Тоа би бил извонреден сигнал за целиот регион и за Босна и Херцеговина, и за тоа какви се намерите на Република Србија, но, и да покажеме дека сме во состојба да се договараме едни со други“, нагласи Вучиќ.
Разговарано е и за инфраструктурните проекти, трговијата, туризмот но и за други важни теми.
Вучиќ додаде дека најважно е трите народи да се договараат.
Претседателот на Србија во попладневните часови пристигна во дводневна официјална посета на Босна и Херцеговина.
Церемонијата на свечен дочек со воени почести беше организирана пред зградата на Претседателството на БиХ, по што српскиот претседател одржа билатерални состаноци со претседавачот и со членовите на Претседателството на Бих, Драган Човиќ, Бакир Изетбеговиќ и Младен Иваниќ.