Dzihat Aliju
12 Мај 2017•Ажурирај: 13 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Јалчин Топчу, главен советник на турскиот претседател, во рамките на неговите средби во Македонија ја посети канцеларијата на Anadolu Agency (AA) во Скопје.
Главниот советник на турскиот претседател, поразговара со вработените во турската новинска агенција АА, а за работата на институцијата во Македонија, Албанија и во Косово беше информиран од страна на главниот и одговорен уредник на Сервисот на македонски и Сервисот на албански јазик на АА, Аднан Идриз.

Топчу, кој АА ја опиша како извор на вистински вести, истакна дека се гордеат кога гледаат дека една турска институција е моќна во странство.
Исто така, Топчу нагласи дека се забележува оти Турција во последните години постигна голем напредок, и рече: „Како што моќта на Анкара се зголемува, така ќе се зголемува моќта и во Скопје, во Астана, во Сомалија“.
Поради успешното работење на АА во регионот, Топчу на главниот и одговорен уредник на Сервисот на македонски и Сервисот на албански јазик, Аднан Идриз, му подари сребрена бројаница.

Освен посетата на АА, Топчу оствари посета и на ТРТ, Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Турската агенција за соработка и координација - ТИКА и Сојузот на турските невладини организации во Македонија (МАТУСИТЕБ). Тој при посетата на канцелариите на АА беше придружуван од страна на Метин Ѓундогду, пратеник на АК Партија од Орду, амбасадорката на Република Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара, и неговата делегација.
Во рамките на својата посета на Македонија, Топчу учествуваше и на отворањето на Неделата на турскиот филм во Македонија, каде што во периодот од 10 до 14 мај ќе бидат прикажани турски филмови во Скопје.