Alma Dekovic
30 Мај 2024•Ажурирај: 31 Мај 2024
ЉУБЉАНА (АА) - Владата на Словенија на денешната седница усвои одлука да му предложи на Државниот збор (Народното собрание) признавање на Палестина како суверена и независна држава, потврди словенечкиот премиер Роберт Голоб, јавува Анадолу.
Голоб по седницата на Владата изјави дека донеле одлука за признавање на Палестина како независна и суверена држава во границите предвидени со Резолуцијата на Обединетите нации од 1967 година или во границите за кои инволвираните страни ќе се договорат во идниот мировен договор.
„Оваа одлука има една порака. Порака до двете страни дека сакаме итен прекин на непријателствата и дека сакаме итно ослободување на заложниците. Ова признание не е насочено против никого, па ни против државата Израел. Ова е порака за мир. Ние веруваме дека денес е момент кога сите ние, целиот свет, мора да дејствуваме само во една насока, во насока што носи траен мир на Блискиот Исток, во насока на дводржавно решение“, порача Голоб и додаде:
„Очекувам дека во наредните месеци западните земји ќе го признаат правото на палестинската нација на постоење, а арапските земји ќе го признаат правото на Израел. Единствен пат до мир е признавање на двете земји. Се надевам дека денешната акција од страна на словенечката Влада ќе биде пример за сите.“
Се очекува пратениците на Народното собрание да одлучуваат за предлогот на Владата на Словенија за признавање на Палестина на вонредна седница во вторник следната недела.
Владата на Словенија на 9 мај веќе почна процедура за признавање на државата Палестина. Потоа најави дека одлуката ќе ја прати до Народното собрание најдоцна до 13 јуни.
Во вторникот Шпанија, Ирска и Норвешка ја признаа Палестина. Притоа, тие ѝ се придружија на групата од 140 земји што ја признаа палестинската држава, што го налути Израел.