Admir Fazlagic
27 Април 2018•Ажурирај: 28 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Скопје во Музејот на современа уметност градоначалниците на Скопје и Атина, Петре Шилегов и Јоргос Каминис, потпишаа Договор за соработка меѓу Скопје и Атина, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов рече дека договорот за соработка се однесува на соработка во неколку области меѓу кои во градската администрација управувањето со јавни услуги, урбан развој, урбана отпорност, заштита на животната средина и природата, културни и туристички активности, иновации, информатичка технологија и дигитализација, како и практики за граѓански анганжман. Меѓу другото, Скопје и Атина ќе соработуваат во рамките на мрежата на европските градови и ќе промовираат трговски контакти.
Шилегов рече дека граѓаните на Скопје и Атина се соочуваат со исти предизвици на секојдневното живеење, а продлабочувањето на соработката и размената на искуства ќе придонесат заедно да работат на изнаоѓање решенија за современите потреби на граѓаните.
Тој потенцираше дека ова е историски ден за двата града, бидејќи се отвора патот кон меѓусебно приближување. Шилегов посочи дека Музејот на современа уметност е местото каде што денеска се потпишува овој договор бидејќи потсетува на заедничката историја на Скопје и Атина, кога после земјотресот во Скопје во 1963 година свои дела донирале и грчки уметници.
„Меѓу уметниците кои што од целиот свет донирале свои дела и го наполниле овој музеј биле и 34 грчки уметници, коишто донирале 46 уметнички дела. Нивните дела се дел од грчката колекција на Музејот на современа уметност. Оваа колекција покажува дека нашите два народа негуваат чувства на меѓусебна солидарност и емпатија. Тоа чувство го имале тогаш во 1963 година а го имаат и сега 55 години подоцна, во тој дух продолжуваме и денеска, уште посилно и уште похрабро да ја продлабочиме соработката за доброто на сите", истакна Шилегов.
Градоначалникот на Атина, Јоргос Каминис, рече дека во Скопје не дошол да дискутира за прашањето околу името, како и дека истото не било тема на дискусија кога во посета на Атина бил скопскиот градоначалник. Како што рече Каминис, oна што градоначалниците најмногу можат да го направат е да ги спојат граѓаните од двата града и да придонесат кон подобро разбирање на двата народа.
Тој посочи дека најдобрар метод тоа да се направи е да се работи на конкретни активности, во областите во кои постои соработка, за што смета дека е многу важно да се потенцира.
„Да им се покаже на луѓето дека кога почнувате заедно да соработувате со некого на отворен начин, можете подобро да го разберете, тој може подобро да ве разбере. И тоа е она што ние сакаме тука да го направиме, а останатото е работа на Владата", истакна Каминис.
Атинскиот градоначалник порача дека во интерес на граѓаните од двете земји е да се биде ориентиран кон иднината.
Посетата на атинскиот градоначалник Каминис на Скопје е возвратна посета, откако скопскиот и атинскиот градоначалник се сретнаа во грчката престолнина на почетокот на февруари оваа година.