Zülfiya Yakup
22 Октомври 2017•Ажурирај: 22 Октомври 2017
ПРИШТИНА (АА) – Во Косово утрово во 07 часот се отворени гласачките места на кои граѓаните ќе гласаат на редовните локални избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Се гласа во 899 избирачки центри со 2.505 избирачки места во 38 косовски општини. Според Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) вкупно 1.890.952 граѓани имаат право на глас на овие локални избори, на кои во првиот круг бираат претседател на општина како и советници на општинските совети, кои ќе ја водат локалната власт во наредните четири години.
На локалните избори се натпреваруваат 91 политички субјект, меѓу кои е една коалиција, 35 политички партии, 30 граѓански иницијативи и 25 независни кандидати.
За претседател на општината се натпреваруват 204 кандидати, меѓу кои се само осум жени, додека 6.887 кандидати се борат за 1.002 советнички места во општински совети.
Во текот на денешното гласање дежурни се 86 обвинители ширум Косово. Истовремено, полицијата ги презеде сите неопходни мерки за безбедност на изборите.
Локалните избори ќе ги набљудуваат повеќе од 33 илјади набљудувачи кои ги претставуваат политичките партии, невладините организации, амбасадите, како и домашни и странски медиуми.
Гласачките места на кои граѓаните ќе можат да го остварат своето право ќе бидат отворени до 19 часот.
Инаку, ова се седми локални избори во Косово. Последните локални избори во земјата се одржаа во 2013 година.