Şeyma Erkul Dayanç
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Висок претставник на полскиот одбранбен сектор повика на поблиска соработка со турската одбранбена индустрија, укажувајќи на искуството на Турција во поврзувањето на модернизацијата на војската со развојот на домашната индустрија, јавува Анадолу.
„Полско-турската одбранбена соработка е важна тема за Министерството за национална одбрана“, истакна Магдалена Собковјак-Чарнецка, државен секретар во Министерството, преку американската платформа на социјалната мрежа X.
Таа наведе дека полските и турските сили веќе соработуваат во рамките на НАТО и изрази надеж дека инженери од двете земји заеднички ќе развиваат идни проекти.
„Турција покажува дека модернизацијата на вооружените сили може да биде и стратегија за економски развој, поттикнувајќи ги домашната индустрија, науката, вработувањето и извозот“, рече таа.
Собковјак-Чарнецка истакна дека турските одбранбени технологии и искуство ќе бидат корисни за полската иницијатива „Агенција за вооружување 2.0“.
Турската одбранбена индустрија го прошири своето присуство во Полска преку неколку значајни договори во последните години.
Во мај 2021 година Полска потпиша договор вреден 270 милиони долари со турската компанија „Бајкар“ за набавка на 24 вооружени беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“. Договорот опфаќаше и ракети, мобилни копнени контролни станици, радарски системи, симулатори, обука и логистичка поддршка. Испораките беа завршени во мај 2024 година.
Турската компанија „АСЕЛСАН“ во декември 2025 година потпиша договор со Полска, вреден 410 милиони долари, за системи за електронско војување.
Во септември 2026 година „АСЕЛСАН“ објави склучување на уште еден договор, овој пат со полската компанија „АМЗ Кутно“ за испорака на 24 комплети системи за извидување и надзор „АРСУС“ за полските вооружени сили. Испораките се планирани за периодот 2028–2029 година.
Двете земји членки на НАТО, исто така, разговараа за проширување на соработката во областа на беспилотните системи, трансферот на технологија, заедничките проекти и меѓусебните инвестиции, се наведува во изјавите дадени по билатералните разговори за одбранбената индустрија одржани во јуни 2026 година.