Andelija Stojkovic
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
БЕЛГРАД (АА) - Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека украинскиот амбасадор во Србија, Oлександар Александрович на 12 ноември ќе се врати во Србија, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ние сакаме добри односи со Украина. Имаше некои недоразбирања и сакам да кажам дека Србија целосно го поддржува интегритетот на Украина. Амбасадорот се враќа на 12 ноември во Србија, по што ќе одлучиме што ќе правиме со нашиот амбасадор“, рече Дачиќ.
Последните тензии меѓу Србија и Украина се случија на почетокот на ноември, кога Украина го повлече својот амбасадор на консултации во Киев, па Србија одговори со иста мерка.
Украина изрази загриженост во врска со контактот на Србија со Крим и поради учеството на српски платеници на руската страна во регионот Донбас во Украина.
Дачиќ вели дека Србија ги процесуира своите граѓани кои се борат на странските боишта, но и дека новите тензии ги гледа како уште еден притисок врз Србија да се дистанцира од Русија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера изјави дека е неопходно да се спушти топката во односите меѓу Србија и Украина.