Admir Fazlagic
09 Мај 2017•Ажурирај: 10 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) – На денешен ден пред две години, во кумановската населба Тоде Мендол, или Диво насеље, се случи оружен судир меѓу вооружена група и македонската полиција. Судирот траеше два дена, а епилог од него беа осуммина загинати припадници на македонските безбедноси сили, 37 ранети, додека од другата страна беа убиени 10 членови на вооружената група, од кои деветмина беа косовски државјани. Граѓаните беа исплашени и изненадени, а петнаесетина куќи беа уништени, пишува Anadolu Agency (AA).
Овој немил настан се случи во екот на политичката криза во Македонија и дополнително ја влоши севкупната состојба во државата. Три дена по оружениот судир во Куманово, под влијание на меѓународната заедница, тогашниот министер за транспорт и комуникации на Македонија, Миле Јанакиевски, министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и шефот на службата за контраразузнавање, Сашо Мијалков, поднесоа оставки од своите функции изразувајќи надеж дека со тоа ќе придонесат за стабилизација на политичката состојба во државата.
- Судски процес за случувањата во кумановско Диво насеље
За настаните во „Дивата населба“, од февруари 2016 година во скопскиот Кривичен суд се води судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „терористичка организација“ и „тероризам“. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Случајот подоцна се спои со „Молња“, во кој се води постапка против осуммина лица помагачи на вооружената група од „Дива населба“, со што бројот на обвинетите се искачи на вкупно 37. Судскиот процес за обвинетите во овој случај сѐ уште трае.
- Куманово, две години по немилите настани во Диво насеље
Две години по немилите настани, Куманово е мирно, а граѓаните испраќаат пораките на мир, истакнувајќи дека овој град има вековна мултиетничка традиција и дека секогаш така и ќе остане. Тие веруваат дека немилите настани нема да се повторат и истакнуваат оти заедничкиот живот е во интерес на сите граѓани на Куманово и Македонија, без оглед на етничката или верската припадост.