Ekipa
08 Мај 2017•Ажурирај: 09 Мај 2017
САРАЕВО (AA) – Џамиите урнати за време на војната 1992-1995 година во Босна и Херцеговина, од страна на српските и хрватските сили, се издигаат речиси од пепел, јавува Anadolu Agency (AA).
Џамиите од османлиското наследство урнати за време на војната повторно се градат со материјална поддршка на земјите како Турција, Саудиска Арабија, Иран, Малезија и Индонезија.
Нусрет Абдибеговиќ, директор за верски прашања при Исламската верска заедница на Босна и Херцеговина, по повод 7 Мај, Денот на џамиите, во својата изјава за АА даде информации околу состојбата на историските џамии урнати во периодот на војната.
Абдибеговиќ пренесе дека тие како Исламска верска заедница вложиле голем напор за градење на целосно урнатите или за реновирање на оштетените џамии. „Дојдовме до крајната фаза на реставрирање и градење на џамиите урнати за време на војната“, вели тој.
Тој потсети дека се поставени темелите на џамијата „Арнаудије“ во градот Бања Лука, која ќе биде изградена од страна на Генералната дирекција на фондации при владата на Р. Турција. Тој информираше дека сѐ уште продожуваат работите на Шарената џамија изградена исто така од страна на Генералната дирекција на фондации.
Абдибеговиќ нагласи дека за време на војната муслиманскиот народ бил протеран од своите домови, масакриран, а биле урнати и местата каде што ги вршел своите обреди. Тој истакна дека со проектот што го започнале во 2000 година, била донесена одлука за градење на урнатите џамии, како и за реставрирање на оштетените џамии.
Абдибеговиќ истакна дека џамиите се духовни гнезда на муслиманите, укажувајќи на важноста на реставрирањето на џамиите од социјален аспект. Тој посочи дека особено Бошњаците кои по војната се вратиле во својата татковина се мошне поврзани со својата земја, со семејството и со џамиите.
Истакнувајќи дека Бошњаците муслимани кои мигрирале во странство за време на војната, даваат поддршка за градење и реставрирање на џамиите во Босна и Херцеговина, Абдибеговиќ им се заблагодари на сите што помогнале во градењето и реставрирањето на џамиите.
Тој додаде дека останале само уште неколку џамии за реставрирање.
- Урнати 614 џамии -
Според податоците на Исламската верска заедница на Босна и Херцеговина, 614 џамии, 218 месџиди, 69 места каде што се одржувале курсеви за учење на Куранот, 4 текиња, 37 турбиња, како и 405 различни дела на фондации биле урнати во периодот од 1992 до 1995 година.
Во регионите кои биле под контрола на српските сили биле урнати 534 џамии, а 80 во регоните под контрола на хрватските сили.
Според истражувањата, 80 отсто од постоечките 1.144 џамии во Босна и Херцеговина биле урнати или оштетени при војната. Освен урнатите џамии и други верски објекти, убиени се и над 100 имами.
- Денот на џамиите и уривањето на џамијата Ферхадије -
Џамијата Ферхадије изградена во 1579 година, во градот Бања Лука, била урната до темел на 7 мај 1993 година, од страна на српските сили. Уривањето на најголемата и најпозната џамија во Бања Лука предизвика голема тага меѓу муслиманите од земјата.
На 7 мај 2001 година беше одржана церемонија за поставување темел на историската џамија Ферхадије, но Бошњаците кои биле присутни на церемонијата биле нападнати со камења и стапови од страна на Србите. Во овој напад животот го загубиле двајца Бошњаци, додека десетици биле повредени.
Исто така и Турција даде поддршка за изградбата на џамијата Ферхадије, чија изградба не беше завршена низа години поради материјалните тешкоти. Историската џамија, чија изградба е завршена со поддршка на Претседателството на турската агенција за соработка и координација (ТИКА), на 7 мај 2016 година со свечена церемонија беше пуштена во употреба.
Од 7 мај 1993 година, денот кога се урна џамијата Ферхадије, овој ден се одбележува како Ден на џамиите во земјата. На овој ден се организираат различни активности.