Admir Fazlagic
30 Ноември 2018•Ажурирај: 01 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, вчера и денеска во Будва учествуваше на состанокот на министрите за надворешни работи на Западен Балкан, во организација на Министерството за надворешни работи на Црна Гора, пренесува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Република Македонија информираше дека на состанокот се размениле мислења во врска со состојбата во процесот на ЕУ-интеграцијата на земјите од Западен Балкан – прогрес и перспективи, како и исполнување на обврските од Берлинскиот процес произлезени од заклучоците на Самитот во Лондон 2018-та, а во насока на подготовки и организација на Самитот на Процесот, чиј домаќин следната година ќе биде Полска.
Како што соопшти македонското МНР, министерот Димитров ја посочил 2018 како клучна година за регионот во контекст на евроинтеграциите и се осврнал на важноста од регионалната соработка, како најсоодветен одговор на актуелните сензитивни моменти во ЕУ.
Шефот на македонската дипломатија нагласил дека научените лекции од изминатите неколку години се најдобар показател дека зголемувањето на заемната доверба, добрососедските односи и засилената економската соработка резултираа со поголема поврзаност на регионот и создавање подобар впечаток.
„Во овој процес ние како регион треба да бидеме искрени и директни за да успееме. Исто така треба да преземеме одговорност за нашата сегашност, но и за нашата иднина. Она што ни е заеднички потребно е натпревар на позитивни реформи. Имаме шанса да созрееме и таа шанса треба да ја искористиме“, истакна Димитров.
Меѓу другото, министерот Димитров го поздрави континуитетот на областите кои ќе бидат третирани на Самитот на Берлинскиот процес во Познан: транспортно и енергетско поврзување на регионот, развој на економијата, мобилноста на младите и соработка во културата.
Дополнително, се осврна на зголемениот фокус на темата за отворени билатерални прашања и посебениот придонес што може да го даде македонската страна, преку пренесување на научените лекции од решените билатерални прашања со Република Бугарија и Грција.
Димитров ја истакнал важноста на Самитот за регионот и политичката порака која ја праќа кон ЕУ за процесот на проширување, и најави континуиран активен ангажман на македонската страна во неговата подготовка.
Покрај министрите за надворешни работи од регионот, предвидено е учество и на состанокот присуствуваа и претставници на Европската комисија, Европската служба за надворешни работи, претставници на Австрија, Полска, Обединетото Кралство и на Советот за регионална соработка.