Admir Fazlagic
10 Ноември 2017•Ажурирај: 11 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, упати честитка по повод двегодишнината од отворањето на сервисот на македонски јазик на турската новинска агенција Anadolu Agency (AA), при што изрази задоволство што АА со својата активност придонесува кон медиумскиот плурализам и шареноликост.
„Ја користам оваа прилика да ви ја честитам двегодишнината од отворањето на регионалното дописништво во Скопје. Република Македонија е посветен поборник на медиумските слободи, и во тој контекст би сакал да изразам задоволство што со вашата активност придонесувате кон медиумскиот плурализам и шареноликост", се наведува во честитката на министерот Димитров.
„Истовремено, сакам да се заблагодарам што преку емитувањето и објавувањето вести на македонски јазик, Агенција Анадолија (Anadolu Agency) придонесува кон натамошно негување и промоција на јазикот. Посакувајќи ви успешна работа, се надевам на продолжување на досегашната соработка", истакнува министерот Димитров.
На 9 ноември 2015 година, со седиште во Скопје, Anadolu Agency (AA) отвори сервис на македонски јазик, од каде што се објавуваат вестите и на албански јазик.
Во изминатите две години, сервисот на АА на македонски јазик објавуваше вести од сите страни од светот.
Од основањето на сервисот на АА на македонски јазик, досега се објавени 25.460 вести, 11.260 фото-галерии и 6.060 видеозаписи.
Новинската агенција Anadolu Agency (AA) има историја долга над девет децении. AA објавува вести на 13 светски јазици, меѓу кои на турски, англиски, арапски, персиски, БХС (босански, српски, хрватски), руски, курдски, француски, албански, македонски јазик, индонезиски и шпански јазик.