Admir Fazlagic
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска зборуваше пред членовите на Комитетот за надворешни работи во Европскиот парламент (ЕП) во Брисел (AFET), на чија агенда е и првото читање на предлог-резолуцијата на ЕП за Република Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на денешниот состанок министерот Димитров пред членовите на Комитетот елаборирал за актуелностите во Република Македонија, во пресрет на референдумот кој треба да се одржи на 30 септември оваа година.
Во тој контекст, Димитров кажа: „Политичарите можат да направат цела кариера и да живеат од нерешен спор, а можат и да се вложат и да го решат, заштитувајќи го најважното за двете страни, за граѓаните на нивните држави да живеат подобро“.
Воедно, министерот се осврнал на текот на имплементација на клучните реформи во земјата и подготовките за скрининг-процесот со Европската комисија. Притоа ја нагласил ефективноста на преговорачкиот процес во реформските придвижувања и важноста на препознавањето на исклучителните исчекори на Република Македонија, особено имајќи го предвид регионалниот и геополитичкиот контекст.
„Не бараме скратени патишта или незаслужени награди. Но, би сакале успешните приказни и шанси да бидат соодветно валоризирани и искористени, особено во време кога на регионот, но и пошироко му требаат такви примери“.
Министерот Димитров изразил благодарност за поддршката и конструктивниот пристап на Европскиот парламент во процесот за пристапување на Република Македонија во Европската Унија, рефлектирано, меѓу другото, и преку процесот Жан Моне на соработка со Собранието на РМ, како и во резолуциите за Република Македонија.
Исто така, од МНР соопштуват дека министерот Димитров имал бројни средби со европратеници, од кои била изразена силна поддршка за правецот на движење на Република Македонија и надеж дека нашата земја конечно ќе се најде целосно во семејството на ЕУ.