Балкан

Димитров-Коѕијас: Ние сме на иста страна против непријателите на компромисот

„Иако сме на различни страни и застапуваме различни гледања, истовремено и сме на иста страна бидејќи се обидуваме да отвориме иднина", истакна Димитров

Bekim Laci  | 23.03.2018 - Обновена : 25.03.2018
Димитров-Коѕијас: Ние сме на иста страна против непријателите на компромисот (Foto: Bekim Laci/AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, денеска се состана со неговиот грчки колега, Никос Коѕијас, кој престојува во официјална посета на Македонија, во рамките на континуираниот дијалог за решавање на спорот со името, јавува Anadolu Agency (AA).

На прес-конференција одржана по тет-а-тет средбата на министрите и делегациите на двете земји, Димитров истакна дека спорот околу името траеше многу, и дека моментално се прават напори за градење доверба меѓу страните, бидејќи како што рече тој, сеуште постојат предрасуди од двете страни.

Министерот за надворешни работи на Македонија нагласи дека постои добра волја за решавање на спорот, и додаде дека очекува Коѕијас да го потврди истото од грчката страна, нешто што според него, може повеќе да се изрази за време на заедничката средба во текот на наредната недела со медијаторот на Обединетите нации (ОН), Метју Нимиц, која е планирана да се одржи на 30 март во австрискиот главен град Виена.

Зборувајќи за одржливо решение кое ќе ги задоволи двете страни, Димитров рече дека сеуште има многу потенцијал за наоѓање прифатливо решение и за јавноста на двете страни.

„Иако сме на различни страни и застапуваме различни гледања, истовремено и сме на иста страна бидејќи се обидуваме да отвориме иднина. Понекогаш противниците на компромисот ги доживувам како да се на иста страна бидејќи влечат назад. Ова е еден вид на натпревар помеѓу иднината и минатото. Ние на Балканот имаме толку многу минато, а понекогаш немаме доволно иднина и мислам дека ќе биде многу важно силите што сакаат да ја отворат иднината да успеат", истакна Димитров.

Шефот на македонската дипломатија, исто така, рече и дека историјата е многу важна, таа не може да се менува, додека сегашноста и иднината можат.

Меѓу другото, Димитров истакна и дека покрај недоразбирањата, двете соседни земји ќе бидат природен сојузник во Европската унија (ЕУ).

Министерот за надворашни работи на Грција, Коѕијас, истакна дека претставниците на двете земји имаат обврска да ги зближат народите на двете земји, бидејќи како што рече тој, милиони лица од двата народи, транзитираат во двете земји, истакнувајќи дека Грците во северниот дел на земјата многу се радуваат на туристите од тука.

Коѕијс се осврна и на спорот со името и рече дека фер и коректно решение ќе биде она решение кое ќе ги земе в предвид интересите на двете страни, кои сега веќе се разгледани и се разгледуваат во преговорите.

Запрашан да коментира околу тешкотиите кои можат да се појават со трите документи за името кои се во оптек, еден на македонската, еден на грчката страна и еден документ со предлози на медијаторот Нимиц кои беа резменети пред неколку дена, грчкиот министер Коѕијас нагласи дека документите служат за разјаснување на позициите на страните и дека не претставуваат тешкотии.

„Текстовите на овие документи имаат за цел да ги разјаснат позициите на страните. Ние се согласивме во поголемиот дел на тоа што го сакаме, затоа тоа што ќе биде усогласено меѓу нас, од страна на Нимиц ќе биде ставено во еден текст и истиот ќе биде доставен до Советот за безбедност на Обединетите нации“, додаде Коѕијас.

За време кога се одржување средбата, пред зградата на Министерството за надворашни работи на Македонија, една група граѓани на мирен начин протестираа против промена на уставното име на Република Македонија.

Инаку, министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас, се состана и со премиерот Зоран Заев, додека попладне ќе се состане и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Грчкиот министер Коѕијас вчера со владин авион пристигна на скопскиот аеродром, во прва посета на земјата по неговото преименување во Меѓународен аеродром Скопје, како еден од чекорите на македонската Влада во процесот на преговорите за името.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.