Abdula Berisha
29 Октомври 2019•Ажурирај: 30 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Специјалниот претставник на државниот секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер, престојува во работна посета во Република Северна Македонија, при што беше примен од министерот за надворешни работи, Никола Димитров, јавува Anadolu Agnecy (AA).
Во изјавата за медиумите по состанокот, министерот Димитров рече дека се разговарало за изгледното членство на Северна Македонија во НАТО, односите меѓу двете земји и за регионални теми.
Димитров исто така рече дека се дискутирало за тоа колку е важно да се отвори европското поглавје, и за интересите на Скопје, и за интересите на Вашингтон.
Зборувајќи за неодамнешната одлука на Европската Унија (ЕУ) да не ги започне преговорите за членство со Северна Македонија, Димитров рече дека земјата треба да биде упорна и да не „падне во замката на жртва и разочарување“.
„Треба да бидеме упорни, треба да се обидеме и последното оправдување да го тргнеме, тоа е Законот за Јавното обвинителство, и при следната можност да излеземе уште поспремни и уште поупорни", рече Димитров.
Тој истакна дека Балканскиот Регион е дел од европската географија, додавајќи дека Европа не може да биде успешна, стабилна и цврста, ако регионот остане ранлив.
Специјалниот претставник на САД, Метју Палмер, изјави дека посетата во Северна Македонија е прва станица на неговата посета на регионот, додавајќи дека ќе ги посети Приштина, Белград и Атина.
„Доаѓам набргу откако американскиот Сенат го одобри Протоколот со кој се ратификува членството на Северна Македонија во Организацијата на Северноатлантскиот пакт, така што е добро време да се биде овде, исто така, по неодамнешната посета на секретарот Помпео. Доаѓам навистина да ја реафирмираме и засилиме силната американска поддршка за Северна Македонија и за европскиот пат и перспектива на Северна Македонија“, рече Палмер.
За време на престојот во Северна Македонија, специјалниот претставник на САД ќе се сретне и со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и со претседателот на државата, Стево Пендаровски.