Furkan Abdula
22 Ноември 2022•Ажурирај: 22 Ноември 2022
СКОПЈЕ (АА) - Државниот врв на Северна Македонија упати честитка по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, се наведува дека Стево Пендаровски упатил честитка по овој повод до припадниците на албанската етничка заедница во Северна Македонија.
„Нека е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука. На овој празник се потсетуваме на еден од најважните моменти од развојот на албанскиот јазик и култура. Свесни дека според зборовите на Ѓерѓ Фишта, се собрани за да ја изберат азбуката, којашто ќе биде најполезна за образовно и културно издигнување на народот, делегатите на Битолскиот конгрес во 1908 година донеле историски одлуки за унифицирање на албанската азбука. Со тоа, тие го отворија патот за натамошен образовен и културен развој на албанскиот народ и го отклучија творечкиот потенцијал на генерации автори кои ќе создаваат вредни книжевни дела“, нагласи Пендаровски.
„Чествувајќи го овој празник ја потврдуваме посветеноста на Република Северна Македонија кон негувањето на соживотот во македонското мултиетничко и мултијазично општество. Соживотот е плод на довербата која, пак, фаќа корен тогаш кога луѓето го почитуваат и поддржуваат идентитетот на другиот. Ваквата доверба е неопходна за поуспешно да се справуваме со нашите заеднички предизвици и да градиме праведно општество со еднакви можности за сите македонски граѓани. Нека ни е честит 22 Ноември, Денот на албанската азбука“, додаде Пендаровски.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека во име на пратениците и во негово лично име, упатува „срдечни честитки по повод еден од најзначајните албански празници, 22 Ноември - Денот на Азбуката, со искрени желби за бескрајни успеси и напредок на Албанците каде и да се.“
„Битолскиот конгрес, пред точно 114 години, беше собирот кој го донесе најценетиот продукт за еден народ, унифицираната азбука со која пишуваме, читаме и го шириме нашиот јазик, култура, обичаи, посебности и фолклорни традиции и уште поважно, азбуката со која се роди и го започна својот пат, националната борба за културно осамостојување на светско ниво и силна поддршка на националниот идентитет и политичкото осамостојување на албанскиот народ“, нагласи Џафери, се наведува во соопштението на Собранието на Северна Македонија.
Денот на албанската азбука или Битолскиот конгрес, го одбележува состанокот на десетици албански научници, одржан од 14 до 22 ноември 1908 година во Битола, со цел создавање на албанската азбука. На овој Конгрес, делегатите од Албанија и од албанските здруженија и клубови од целиот свет, ја донесоа одлуката за прифаќање на латиницата, со одредени промени.
За албанскиот народ, Битолскиот конгрес беше најважниот настан во почетокот на 20 век, заедно со прогласувањето на независноста на Албанија на 28 ноември 1912 година. Со ова, 22 ноември останува ден за помнење за албанскиот народ, познат како Денот на азбуката.