Admir Fazlagikj
30 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
СКОПЈЕ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска го прими претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Како што соопшти Кабинетот на претседателот Пендаровски, на средбата соговорниците размениле мислења за севкупните состојби во државата и очекувањата за следната година.
„Претседателот Пендаровски и претседателот на Собранието, Џафери, на средбата поразговараа и за претстојните активности во процесот на формирање и функционирање на преодната Влада, за спроведување на предвремените парламентарни избори, односно за обврските на двете институции во тој процес“,се вели во соопштението и се истакнува:
„Претседателот на државата, Пендаровски, и претседателот на Собранието, Џафери, се согласија дека во годината кога очекуваме заокружување на полноправното членство во НАТО и одредување датум за почеток на пристапните преговори со Европската Унија, потврда за демократскиот капацитет на Северна Македонија треба да биде спроведувањето на предвремените парламентарни избори во април 2020 година во фер и демократска атмосфера.“