Furkan Abdula
27 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, оствари средба со Оливер Вархеји, еврокомесар за проширување и соседска политика на ЕУ, кој се наоѓа во посета на Скопје, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според владиното соопштение, Ковачевски на овој состанок бил придружуван од заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ.
„На состанокот е разговарано за актуелни прашања поврзани со предизвиците од војната во Украина и за европерспективите на регионот. Заеднички е констатирано дека европските интеграции на Северна Македонија и на регионот се потреба на државите во регионални рамки, но и на самата Европска Унија“, се нагласува во ова соопштение.
Се истакнува дека исто така постои согласност дека сега е моментот за деблокада на евроинтеграциите на Северна Македонија, што во спротивно може да остане уште долг период отворено прашање, а тоа не е од полза на ниту една страна.
Премиерот Ковачевски нагласи дека тој останува посветен исклучиво на принципите на почитување на европските вредности и на разговорите базирани на респект и достоинство, за што се согласиле со премиерот на Бугарија, Кирил Петков, при воспоставувањето на дијалогот.
„Нашата држава ги исполни своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партнер на европските држави и заслужува конечно одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ“, рече Ковачевски.