Zylfije Adem Jakupi
19 Мај 2023•Ажурирај: 22 Мај 2023
ПРИШТИНА (АА) - На свечена седница на Собранието на Општина Северна Митровица заклетва положи новиот градоначалник на Општината, Ерден Атиќ, од Движењето „Самоопределување“, кој доби најмногу гласови на вонредните локални избори одржани на 23 април, јавува Анадолу.
Атиќ положи заклетва на албански и српски јазик на седницата одржана во зградата на косовската Општина Северна Митровица. По полагањето заклетва, Атиќ во обраќањето до медиумите рече дека ќе работи за сите граѓани на Северна Митровица без правење разлика и без дискриминација.
„Најголемо ангажирање ќе ни биде нормализирање на општината и ги повикувам сите граѓани да дојдат да нè посетат и да соработуваме што е можно подобро за доброто на граѓаните“, рече Атиќ.
Тој изјави дека за негова заменичка ја назначил Катарина Аѓанчиќ, со која ќе соработува тимски.
Катарина Аѓанчиќ изјави дека е време да се одредат приоритетите на жителите на Општина Северна Митровица бидејќи има насобрано многу проблеми.
„И самите ги знаете сите случувања што ја следеа и оваа зима и пролет, така што решени сме да имаме добар тим, добра соработка со граѓаните, и заедно да направиме сè што може да се среди“, рече Аѓанчиќ.
Министерот за администрација на локалната самоуправа на Косово, Елберт Красниќи, му честита на новиот градоначалник и рече дека ќе ја има целосната поддршка од Владата на Косово.
„За нас е многу важен составот на Кабинетот на претседателот, многу е важно еден мултиетнички град да има ваков состав. Секое дејствување и одлука на претседателот ќе има поддршка од централното ниво. Како Влада и како Министерство ги поддржуваме сите претседатели“, рече министерот Красниќи и додаде дека во наредните денови ќе се организира положување заклетва на градоначалниците и на другите општини од северот на Косово.
На вонредните локални избори на 23 април беа избрани градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, како и советници за Собранието на општините Звечан и Лепосавиќ.
Поради бојкотот на Српската листа, излезноста на гласачите беше мала и изнесуваше 3,47 отсто.
Откако новиот градоначалник положи заклетва, Српска листа одржа вонредна прес-конференција во Северна Митровица. Потпретседателот на Српска листа, Игор Симиќ, рече дека српските граѓани се определени за мир, но дека на 1 јуни ќе следува одлучен одговор од српскиот народ доколку не се запре со ускратувањето на нивните основни права.
„Рокот до 1 јуни е даден како простор за сите, пред сè за Албин Курти и Приштина, но и за претставниците на Квинтата и меѓународната заедница, да ја запрат репресијата над српскиот народ, тоа веќе не може да се трпи. Оваа репресија е плод на институционалното насилство“, рече Симиќ.
Во пресрет на денешното положување заклетва на новоизбраниот градоначалник на Северна Митровица, Соединетите Американски Држави, Франција, Италија, Германија и Обединетото Кралство изјавија дека не постои услов градоначалниците да положуваат заклетва во општинските канцеларии. Во заедничката изјава, земјите од Квинтата ги повикаа сите страни да се воздржат од употреба на сила или дејствија кои поттикнуваат тензии или судири.
Како што се наведува во соопштението од американската Амбасада, земјите од Квинтата сметаат дека по бојкотот на значителен дел од српската заедница, резултатите од изборите на 23 април, иако се одржани според Уставот и законите на Косово, не се долгорочно политичко решение за овие општини.
Вонредните избори беа распишани откако претставниците на Српската листа на почетокот на ноември минатата година ги напуштија сите косовски институции на северот на Косово.