Husameddin Gina
27 Ноември 2018•Ажурирај: 27 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Секоја петта жена или девојка во ЕУ доживеала кибернасилство уште на 15-годишна возраст, истакна премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, на денешното обраќање на Регионалниот форум „Промовирање на имплементацијата на Истанбулската конвенција во земјите на Западен Балкан и во Турција – Интегрирани политики, инклузивни партнерства“, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Зоран Заев, во денешното обраќање на Регионалниот форум се осврна на истражувањето на Агенцијата за фундаменталните права на Европската Унија. Според истражувањето објавено во 2014 година, дури 13 милиони жени во ЕУ биле жртви на физичко насилство, а околу 1,5 милион жени во ЕУ биле жртви на сексуално насилство.
Според премиерот, бројките за насилството врз жените се шокантни и покажуваат колку многу треба да се работи на проблемот.
„Тоа е приближно еднакво колку жителите на Скопје и Загреб заедно. Овие бројки се шокантни, овие бројки покажуваат колку долг пат имаме сите пред нас. И колку е неопходно ратификацијата на Истанбулската конвенција да се преточи во спроведување на мерките што произлегуваат од нејзините препораки“, изјави Заев.
На дводневниот Регионален форум присуствуваше и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, кој нагласи дека е длабоко загрижен од тоа што насилството сѐ уште претставува сериозно прашање во регинот и во Европската Унија.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, рече дека како Влада направиле акциски план за целосна имплементација на Истанбулската конвенција.
Истанбулската конвенција претставува регионален правен инструмент којшто дава основа за сеопфатна заштита на правата на жените. Овој мултилатерален меѓународен договор е отворен за потписи од страна на земјите членки на Советот на Европа, земји кои не се членки на Советот на Европа, како и за меѓународни организации.
Конвенцијата е усвоена од страна на Комитетот на министри на Советот на Европа на 7 април 2011 година, а се отвори за потписи на 11 мај 2011 година во рамки на 121. сесија на Комитетот на министрите при Советот на Европа, одржана во Истанбул, поради што и го добила називот „Истанбулска конвенција“. Конвенцијата стапи на сила со нејзината ратификација од страна на 10 земји членки на Советот на Европа.