Bekim Laci
12 Јуни 2018•Ажурирај: 12 Јуни 2018
СКОПЈЕ (AA) - Премиерот на Република Македонија Зоран Заев изјави дека во текот на вчерашниот телефонски разговор со грчкиот премиер Алексис Ципрас имале квалитетно унапредување на разговорите и изрази надеж дека денеска, како што рече, ќе може нешто убаво да ѝ се соопшти на јавноста, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за новинарите, премиерот Заев истакна дека останува оптимист за постигнувањето договор во врска со спорот околу името, додавајќи дека денеска има уште еден суштествен и како што рече, за него, многу важен разговор. Заев рече дека се надева оти со разговорот ќе се заокружат сите аспекти за да се исполни очекувањето на двете страни, со цел да се реши повеќедеценискиот спор.
„Ако денеска се случи, дај Боже, договорот, ние веднаш тоа ќе го соопштиме со сите детали, а верувам, ако има договор тогаш би требало да правиме агенди, за Преспа знаеме, затоа што тоа беше уште многу одамна", рече Заев.
Тој додаде дека сепак, треба да се оди чекор по чекор, а доколку има договор, веднаш да се договорат и агендите за соопштување и информирање на сите политички чинители и на граѓаните.
Во врска со имињата што се споменуваат во јавноста како можно решение, Заев рече дека Северна, Горна, Вардарска, се имињата кои беа во опција, но посочи дека јавноста ќе биде запознаена со сите детали веднаш штом биде постигнат договор.
Владата на Република Македонија вчера соопшти дека премиерот Заев и грчкиот премиер Алексис Ципрас имале телефонски разговор во времетраење од еден час.
„За време на разговорот се дискутираше за преостанатите прашања и беа разгледани неколку идеи како решенија“, соопштија од Владата и најавија дека денеска ќе следува уште еден телефонски разговор помеѓу Заев и Ципрас.