Edıta Zekjırovıkj
06 Септември 2021•Ажурирај: 07 Септември 2021
СКОПЈЕ
Започна првата Годишна меѓународна конференција „Економско закрепнување и раст по Ковид“, организирана од страна на Министерството за финансии, што ќе трае денес и утре, јавува Агенција Анадолија (АА).
На Конференцијата присуствуваше поширока владина делегација, предводена од премиерот Зоран Заев, министри од земјите во регионот, претставници од меѓународни финансиски институции, експерти и дипломати.
Конференцијата ја отвори министерот за финансии, Фатмир Бесими, кој ја истакна важноста на оваа конференција што се одржува со цел развој на економските политики, каде што министрите ги презентираа своите буџетски планирања за претстојната година со што ќе се зајакне процесот на буџетско планирање.
„Ние сме денеска тука драги пријатели за да кажеме дека нема да бидеме поразени од Ковид, ние сме дел од глобалниот сојуз за да го победиме Ковид. Денеска сме тука да зборуваме за опоравувањето, но не само за тоа, тука сме за да зборуваме многу повеќе, да зборуваме за раст, подобар раст, зелен раст, забрзан раст, инклузивен и одржлив раст“, истакна Бесими.
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, смета дека по една година, според официјалните статистички податоци, може да се каже дека кризата официјално одминува и економијата заздравува.
„Официјално, пред неколку минути од Заводот за статистика е објавено дека во вториот квартал од годината, согласно статистиката, регистриран е позитивен раст на бруто-домашниот производ во износ од 13,1%. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигнавме раст на бруто-домашниот продукт од 5,6%“, изјави Заев.
Темите што ќе се дискутираат на Конференцијата се поделени на шест панели, а панелите што денеска беа опфатени се глобалните и регионалните предизвици и изгледи за закрепнување и раст, макроекономските политики и јавните финансии во постпандемиски времиња, добро управување и социјална кохезија.
Покрај учесниците со физичко присуство, на Конференцијата ќе се обратат и експерти од областа на финансиите преку видеопроекција.