Admir Fazlagic
02 Август 2018•Ажурирај: 03 Август 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, по повод државниот празник Илинден присуствуваше на свеченоста во Пелинце, од каде што упати апел до граѓаните на државата да излезат на Референдумот на 30 септември и да кажат „ ’да‘ за идните генерации и за иднината на Македонија“, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во своето обраќање, премиерот Заев истакна дека Договорот со Грција е патриотски и дека со него се зачувуваат македонскиот идентитет, јазик и државјанство, и повика на единство, наместо на поделби.
„Имаме историска шанса Македонија да ја извлечеме од долгогодишната криза и да ги решиме длабоките проблеми. Светот едногласно ја поддржува новата политичка страница на Македонија која води кон квалитетен живот на сите граѓани во земјата“, рече Заев и се осврна на Референдумот, закажан за 30 септември, на кој на граѓаните ќе им биде поставено референдумското прашање: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција“.
„Тоа е денот на нашата нова историска одредница, денот кога ќе донесеме одлука за нашата иднина, како дел од семејството на ЕУ и на најсилниот сојуз НАТО. Секој од нас поединечно ја има шансата да ја донесе оваа голема одлука. Сега е моментот. Државотворните народи препознааваат вакви историски моменти, во вакви моменти не се седи дома, не се молчи, туку шансата треба да се зграби храбро, одлучно, достоинствено“, истакна Заев.
Според премиерот Заев, иднината е вистинскиот избор, секој граѓанин е должен да ја преземе одговорноста за својата, а со тоа и за иднината на својата земја.
„Доста е небиднина, ќе избереме иднина, време е за иднина наместо небиднина. На 30 септември ќе ги одбиеме мракот, криминалот, неизвесноста и изолацијата. Ве повикувам сите да кажете со гордост „да“, да кажеме „да“ за гарантирана стабилност и безбедност преку членство во НАТО, за признат и потврден идентитет, јазик и култура. Ние сме „за“, за нас, за нашите идни генерации, за иднината на Македонија“, порача Заев.
Во својот говор премиерот на Македонија рече дека земјата направи пресврт, иако беше соочена со низа препреки кон евроатлантските интеграции.