Admir Fazlagic
16 Септември 2019•Ажурирај: 17 Септември 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев присуствуваше и се обрати на настан организиран од Царинската Управа по повод пуштањето во употреба на царинскиот терминал на граничниот премин Ќафасан, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што соопшти прес-службата на Владата на Северна Македонија, премиерот Заев истакна дека вложувањето во развој на инфраструктурата во земјата е еден од приоритетите на оваа Влада, а во остварувањето на овој приоритет од огромна помош е поддршката на Европската унија, особено ИПА фондовите кои ни се ставени на располагање.
Премиерот Заев во обраќањето во негово лично име и во име на Владата упати благодарност до Европската Унија, за, како што рече, поддршката во постигнувањето повисоки стандарди во сите јавни сфери во Северна Македонија и нејзината интеграција во Унијата.
„Денешниот настан - ставање во употреба на надградениот и осовремен граничен премин Ќафасан, е повторно во насока на подобрување на поврзувањето. Се наоѓаме на еден од најфреквентните гранични премини во земјава на коридорот 8, преку кој годишно минуваат стотици илјади превозни средства и патници во и од Република Северна Македонија", рече Заев.
Според него, овој нов терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на гранични формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција.
„Убедени сме дека со неговото ставање во функција, ќе се забрза движењето на стоковиот сообраќај кој последните години бележи постојан раст од просечно 10 до 15 % годишно. Со него ќе се забрза и олесни стоковата размена преку најфреквентниот граничен премин кон Република Албанија, а истовремено се обезбедени дополнителни инвестиции со кои ќе се олесни и забрза транспортот долж паневропскиот Коридор 8. Работиме интензивно на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и царински контроли со едно застанување „One Stop Shop“, за уште повеќе да се намали времето на чекање на превозниците, со што ќе се намалат трошоците на економските оператори", истакна Заев.
Премиерот на Северна Македонија додаде дека царината е првата институција со која се сретнуваме во една земја и таа ја дава првата слика за тоа како функционира системот на државата.
„Со задоволство можам да кажам дека нашата Царинска управа е модерна институција, која придонесува во креирањето на поволна бизнис клима и штитењето на интересите на државата. Царинската управа има постигнатото високо ниво на подготвеност за членство во ЕУ, што е нотирано и во сите извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија", потенцираше Заев.
Тој порача дека како Влада остануваат посветени на тоа да работат и понатаму на олеснување на трговијата и транспортот.
Освен премиерот Заев, на денешниот настан присуствуваа и шефот на Делегацијата на Европската унија во Скопје. Самуел Жбогар, министерот за внатрешни работи на Северна Македонија Оливер Спасовски, министерот за економија Крешник Бектеши, како и Ѓоко Танасоски, директор на Царинската управа.